Министерството за труд и социјална политика во соработка со Државниот завод за статистика на Република Македонија и Европскиот институт за родова еднаквост од Вилнус, Литванија, пристапија кон развивање на Национален индекс за родова еднаквост. По тој повод, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска одржа работна средба со Виргинија Лангбак, директорка на Европскиот Институт за родова еднаквост.

Индексот за родова еднаквост претставува единствен сложен индикатор којшто ја одразува многустраната реалност на родовата еднаквост. Со пресметката на Индексот на родовата еднаквост за Република Македонија би добиле клучен индикатор за мерење на родовата еднаквост. Исто така, со овој индикатор би правеле споредба со ЕУ и со нејзините земји членки по однос на родовата еднаквост, имајќи предвид дека европските лидери го насочуваат фокусот кон оваа проблематика и преземаат мерки, воведувајќи нови законски одредби за да ја намалат нееднаквоста.

За таа цел, Европскиот институт за родова еднаквост остварува консултации за понатамошна соработка во развивањето и унапредувањето на родовиот Индекс. Покрај средбата со министерката Царовска, Лангбак ќе оствари средби и со други поддржувачи на родовата еднаквост во Република Македонија, меѓу кои се членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на жени парламентарки.