Додека министерот за здравство Венко Филипче и директорката на Геронтолошкиот завод Скопје, Салија Љатиф велат дека Центарот за декубити (рани од лежење) не е затворен, дека пациентите се лекуваат соодветно и дека нивниот број е намален, фактите говорат нешто сосема друго. Имено сите вклучени од персоналот до пациентите тврдат дека нема соодветен третман или Центарот дека не работи.

Министерството за здравство тврди дека „пациентите во ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ – Скопје се соодветно третирани и згрижени согласно европските препораки за геријатрија и палијатива“.

Оној кој барем има основа од медицината или пак е пациент или негов роднина знае што значат декубиталните улкуси (рани од лежење) како страдање за пациентот и беспомошност на семејството. Палијативната грижа е пристап кој го подобрува квалитетот на животот на пациентите и нивните семејства кои се соочуваат со проблеми поврзани со опасни по живот болести, преку превенција и олеснување на страдањата по пат на рана идентификација, беспрекорна проценка и елиминирање на болката  и другите проблеми, физички, психосоцијални и духовни. Ова го дефинира и Светската здравствена организација. Декубитите практично се еден од проблемите кои бараат специјализирана палијативна гриже и затоа Центарот беше отворен во рамки на специјализирана установа за палијативна грижа.

Бројни се факторите кои кај палијативните пациенти го зголемуваат ризикот за болести на кожата: неподвижност, малнутриција, инконтиненција, нарушен имунитет, болка, отежната исхрана. Сето тоа е асоцирано со инфекции на кожа, дерматити и декубитални улкуси, објаснува доктор Ленче Нелоска, која е и поранешен директор на Геронтолошкиот завод.

Оттука, Нелоска посочува дека декубиталните улкуси се последица или компликација на примарната болест, и додава дека поради ова зачудува коментарот во демантот на директорката на Установата дека: “пациентите кои имаат потреба од третман исклучиво на декубитални промени, треба да се третираат мултидисциплинарно во соодветни здравствени установи. “

Според неа ваквото тврдење е неконзистентно и нелогично.

Не постојат пациенти кои имаат потреба од третман исклучиво на декубитални промени. Секој пациент со декубитални улкуси е во тешка општа здравствена состојба, со доминантни симптоми на примарната болест. Апсолутно има потреба од мултидисциплинарен третман, со каков што установата располага, или барем располагаше. Уште повеќе, се воочува едно суштинско непознавање на здравствениот систем во земјава со коментарот дека овие пациенти се упатуваат на “соодветни Клиники – (Клиника за дерматологија, како и Хирушките клиники – васкуларна и пластична хирургија), каде можат да добијат мултидисциплинарен третман.”  Клиниките се конципирани да овозможат субспецијалистички услуги и не располагаат со мултидисциплинарни тимови, туку постои институцијата конзилиум кога и на нив им е потребно друго специјалистичко мислење. Значи пациентите се упатуваат на клиника кога имаат потреба од тесно субспецијалистичко познавање и интервенција, а мултидисциплинатниот третман тие треба да го имаат во установата, посочува доктор Нелоска.

Според неа и тврдењето на директорката дека “бројот на пациенти кои се упатуваат исклучиво за третман на декубити во изминативе месеци е намален”, е сосема паушално и тенденциозно.

-Од 2011 година кога е отворен Центарот за декубити и се воспоставени протоколи за превенцијаи третман на истите кај пациенти со ризик или кои веќе имаат декубит, преваленцата(или бројот на заболени во даден момент) на декубитите која беше над 15% за само 9 месеци се намали на 12%, а за две години се сведе на 9% што е во врвот на квалитет на грижа на европско ниво, информира Нелоска.

Таа додава дека во  Центарот за декубити, годишно биле третирани над 250 надворешни пациенти, а тимот за домашна посета дневно имал по 20 посети. Тимот за палијатива во домашни услови за малигни болни имал пак по 10-15 посети дневно.

-Што тоа драматично се случи во земјава за да се намали интересот за овие специфични здравствени услуги? Наеднаш нема пациенти со малигна болест, мозочни удари, скршеници, деманција и сл. Или можеби преваленцата е како во Финска со помалку од 1% декубити кај пациенти со ризик, прашува Нелоска. Докторката додава дека како за сите пациенти, така и за овие со декубити се грижи неизмерно и оти било какви закани по неа не можат да ја спречат во должноста да му се помогне на секој пациент.  

Извор: republika.mk