Фирма која е основана пред само четири месеци и за сопственик има 27 годишен државјанин на Србија го доби тендерот за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните здравствени установи низ цела Македонија, пишува порталот Лидер.

Контроверзниот тендер, за кој Лидер пишува уште од мај годинава, вреди околу 35 милиони евра а на него конкурирала само компоанијата „АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“, која е во сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а директор во Македонија и е извесен Александар Јовановски викан Жути од Гази Баба.

Се работи за исклучително сомнителен тендер, ако се има в предвид дека компанијата ќе добие монопол над целиот пазар со апарати и реагенси за испитување на крв во сите Јавни здравствени установи во Република Македонија.

Дополнително скандалозно е што во самата тендерска документација беа наведени спецификации за модел на апарати кои одговараат само на еден производител, АБОТ, иако на пазарот има уште десетици модели за апарати за испитување на крв.

Проверката во централниот регистар покажува дека копанијата која го добива тендерот е регистрирана на 18.04.2018 што консолидира со периодот во кој беше отворен техничкиот дијалог за тендерот. Оваа компанија која ја водат млади луѓе, нема никакво искуство во овој сектор, ниту пак било кога се занимавала со медицинска опрема.

Александар Јовановски – Жути, управител на компанијата која го добива тендерот

-Да биде ситуацијата уште поинтересна, компанијата нема веб страница, а лицата поврзани со неа нигде не се јавуваат во медицинскиот сектор. Официјалната имеил адреса во Централниот Регистар, каде се наведува контакт е „zuti45@yahoo.com”, а нигде не е оставен телефонски контакт преку кој би можеле да ги побараме и да добиеме било каков коментар поврзан со ова истражување, пишува Лидер.

Предраг Петриќ, 27 годишен државјанин на Србија кој е сопственик на компанијата која доби 35 милиони евра тендер

Според неофицијалните информации до кои дојде Лидер, зад целата оваа шема стои еден познат бизнисмен кој се бави со трговија и производство на масло а е исклучително близок до власта.

„АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“ воопшто не е ни застапник на брендот „АБОТ“ од кој се набавуваат апаратите, а како што неофицијално дознаваме, токму локалниот застапник на „АБОТ“, ќе биде компензиран со провизија за набавката и паушал за одржување апаратите, затоа што воопшто не учествувал на тендерот.

Како што неофицијално дознаваме, реагенсите ќе бидат набавувани од грчката компанија „Пегасус“, која исто така не учествуваше на тендерот.

Извор: lider.com.mk