Криминалци од Албанија добиле концесија од македонската влада за марихуана, пишува Нет Прес. Владата, на 80-та седница, дала зелено светло за фирма да одгледува канабис за медицински цели, чиј сопственик е веќе уапсениот 39-годишниот Фатмир Меркај.

Како што објавија албанските медиуми, обвинетиот се товари за кривично дело – шверц со друга стока. Станува збор за Друштво за производство, трговија, транспорт и услуги во село Врапчиште, Гостивар. Сопственици се Фатмир Меркај од Тирана и Мирјана Кодра од Беловиште, Гостивар.

Инаку, Обвинителството во Ѓирокастро пред две недели издало наредба за притвор на Меркај за две кривични дела за криумчарење со друга роба и фалсификување на документи. Според извори од обвинителството на Ѓирокастро за весникот „Панорама”, Фатмир Меркај предизвикал државна штета од 6.500 евра со шверцувана роба која влегувала во Албанија.

Инаку, Меркај во еден од пасошите што ги поседува, именуван е по друго име и презиме, кое според безбедносен извор од Обвинителството, е сменето по негово барање. На следните судски сослушувања, ќе се истражува натамошната постапка.

Инаку, во ноември 2004 година токму Меркај шверцал еден камион со алкохолни пијалаци на граничниот премин Какавија. Во тој период не е регистриран правен процес за придружување на стока заклучувајќи дека истата била внесена во Албанија без да се плаќаат царински давачки.