Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството.

Денешните бледи и неиздржани манипулации на Филипче не може да му помогнат да ја избегне одговорноста за општиот грабеж во здравството.

Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра.

Mинистерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката.

Јавното обвинителство уште утре треба да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи за најголемиот скандал во македонското здравство кои деновиве кружат во јавноста.

Граѓаните очекуваат одговор зошто во тендерската документација се наведува името на производителот на апаратите и реагенсите кои се набавуваат?

Зошто се спречува набавка од друг производител и дали некој извлекол лична корист и колкава е таа за да распише ваква набавка?

Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев? Дали имало закани и од кого кон останатите компании кои долго време се во овој бизнис? Кое е бизнис искуството на двете момчиња и кој стои зад нив, односно зад првата посериозна бизнис зделка која ја имаат во животот а тежи 35 милиони евра?

Очигледно дека на власта најмалку и е важно здравјето на граѓаните, а важно им е бизнисот да врви и да се богатат сомнителни фирми и поединци. Да им беше битен здравствениот систем, овој проект досега ќе беше стопиран.

Дека овој проект е штетен и за буџетот и за граѓаните и за пациентите говори фактот што со него  се ускратува можноста биохемиска анализа да се направи во поголемиот број на лаборатории низ Македонија и оваа услуга се централизира во само неколку градови. Патем во помалите здравствени домови со овој проект се ограничува можноста за итни испитувања на итните случаи, а хуманиот биолошки материјал ќе треба да се транспортира и по стотици километри со сиот ризик да биде контаминиран или оштетен.