Уринарните инфекции кои воглавно се предизвикани од Ешерихија Коли, летниот период се зачестени. Главните „виновници” се недоволна облека во климатизирани простории, мокри костими за капење, микроорганизмите од базените.

Капењето во базени и води кои не се проверени, како и долготрајно носење на влажи костими за капење и недоволната облека во климатизирани простории, потпомагаат во размножување на бактериите во уринарниот тракт. Затоа уринарните инфекции се многу чести за време на летото.

Ешерихија коли е причина за речиси 40 отсто од уринарните инфекции кои најчесто ги погодуваат жените. Кога оваа бактерија ќе се најде во уринарниот тракт, во брзо време се јавуваат типичните симптоми: зачестено и болно мокрење, заматена или урина со крв и пецкање во долниот дел на стомакот и грбот.

Во нормални ситуации, бактериите кои доспеваат во бешиката се елиминираат при мокрењето. Меѓутоа, слузницата кај некои жени е подложна на врзување на бактериите, за што придонесуваат и лошите навики како долготрајно носење на влажни костими за капење и лесна облека во променливи климатски околности.

За да се заштитиме, важно е да внесуваме доволно течност, најдобро вода, од литар ипол до два дневно.

Исто така, важно е и редовно празнење на бешиката во текот на денот за да се намали времето на престој на бактериите во бешиката и да се спречи нивното размножување. Мокрењето се препорачува и веднаш по сексуалниот однос, а влажниот костим за капење е најдобро да се смени веднаш по капењето.