Здравствените власти во Дебар прогласија епидемија, бидејќи се регистрирани дваесет заболени од мали сипаници. Првото регистрирано заболено лице неколку денови пред појавата престојувало во Албанија.

Во Дебар здравствените институции прогласија епидемија на морбили. Бројот на заразените болни од ден на ден се зголемува и покрај тоа што надлежните здравствени институции ги имаат преземено сите превентивни мерки.

Епидемиологот Ментор Мела од единицата на Заводот за јавно здравје во Дебар, укажува дека покрај другото се вршат и контроли на вакцинираните лица во одредени периоди.

„Во Дебар прогласивме епидемија на мали сипаници – морбили, поради тоа што бројот се зголемува. Во овој момент имаме регистрирани 20 болни од ова заразно заболување. Сите заразени кои се евидентирани, поради тоа што ние во Дебар немаме инфектолог ниту инфективен оддел, болните ги пренесуваме на лекување во инфективното одделение во Охрид“, вели епидемиологот Мела.

Покрај морбилите за прв пат оваа година во дебарско има појава на други опасни заболувања, кои на овие простори, според надлежните, ги немало повеќе од половина век .

„Оваа година за прв пат има и појава на опасни заболувања кои ги немаше на овие простори повеќе од половина век. Станува збор за заразното заболување Хеморагична треска, која се појави кај четворица овчари. Тие беа испратени на лекување во инфективната клиника во Скопје и беа излекувани“, вели Мела.