Клучен фактор за појава на аутизам и други невролошки заболувања кај детето е нарушување на т.н. микробиом кај мајката во текот на бременоста, покажува најновото истражување на научниците од Медицинската школа при Универзитетот „Вирџинија“ од САД.

Утврдено е дека микробиомот, кој претставува систем од микроорганизми што нормално живеат во цревата на човековото тело и се дел од цревната флора, може да го обликува мозокот на плодот на повеќе начини и е многу важен за калибрирање на тоа како имунолошкиот систем на детето ќе одговори на разни инфекции, повреди, стрес… Нездравиот микробиом кај мајката може да придонесе плодот да стане подложен на невро-развојни нарушувања.

Со тестирања на лабораториски глувчиња научниците откриле дека клучно влијание за развој на симптомите слични на аутизам има т.н. молекул ИЛ-17а (интерлеукин 17а) кој го произведува нивниот имунолошки систем и дека со блокирање на тој молекул за време на бременоста може да се придонесе за спречување на аутизмот.

Биомаркер за рана дијагностика

– Утврдивме дека микробиомот е клучен фактор во предвидувањето на ризикот од спектарот аутистични заболувања и дека со влијание врз микробиомот или директно врз молекулот ИЛ-17а може да се влијае врз развојот на аутизмот. Тој молекул може да се користи и како биомаркер за рана дијагностика – вели научникот Џон Лукенс од Одделот за невронаука на Универзитетот „Вирџинија“, кој го води истражувачкиот тим.
Иако овој инфламаторен молекул досега беше поврзуван со заболувања како ревматски артритис, мултиплекс склероза и псоријаза, и веќе постојат лекови за негово блокирање, утврдено е и дека тој има важна улога во борбата против инфекциите, особено габичните инфекции.

Се бара вистинската диета

Меѓутоа, се вели во истражувањето, блокирањето на овој молекул за време на бременоста е многу комплексен метод поради разни странични ефекти.
– Бременоста е состојба во која мајчиното тело мора да прифати туѓо тело, а тоа во тој случај е плодот, бебето. Тоа е многу сложен процес и затоа не треба премногу да се мешаме во него – објаснува Лукенс.
Сепак, охрабрува фактот дека научниот тим утврдил дека на микробиомскиот систем може да се влијае со диета, со начинот на исхрана, било со пробиотици било со фекална трансплантација, и на тој начин да се воспостави рамнотежа во составот на микроорганизмите во цревата на мајката.

Со овие методи се прави обид да се воспостави здрава рамнотежа меѓу различните микроорганизми што живеат во цревата, но, сепак, научниците сè уште работат на тоа и сè уште не можат да дадат прецизна препорака за диета во текот на бременоста.

– Мислам дека нашиот следен голем чекор би бил откривање на карактеристиките на микробиомот кај трудниците кои се поврзани со ризик од аутизам. Многу е важно да се утврди што може да се примени за што поефикасно и побезбедно да се модулира микробиомот кај идната мајка – вели Лукенс.

Ова истражување е последно во низата научни зафати што го откриваат големото значење на цревната флора за човековото здравје.