Mинистерството за здравство го поништи тендерот за набавка на реагенси. Комисијата за жалби по јавни набавки ги уважила сите три жалби кои се однесуваат на тендерот.

Министерот Венко Филипче вели дека уште за време на евалуацијата увиделе дека има несоодветна документација од понудувачот, но не можеле да го поништат бидејќи била почната постапката за жалби.

Нов тендер ќе биде распишан, но пред да се случи тоа –  ќе се преиспитаат тендерските правила за да не се повтори истата ситуација, вели министерот.  Поништувањето на тендерот нема да влијае врз пациентите и здравствените установи, ниту пак ќе има недостаток од реагенси – тврди министерот.

Филипче ја стопираше тендерската постапка веднаш по завршувањето на рокот за евалуација. Тендерот предизвика низа контроверзи откако се обелодени дека само една фирма се јавила како понудувач, а како подизведувач се јавила фирма која била регистрирана четири месеци пред распишување на тендерот. Од Филипче се бараше и оставка.

Сепак министерството остана на ставот дека постапката била отворена за јавноста и дека процесот бил транспарентен. Триесет и пет милионскиот тендер беше распишан по одлуката на министерството за централизација на лабораториите. Со тоа во државава ќе има само осум биохемиски лаборатории, а крвта ќе треба да се транспортира од еден во друг град.

И покрај тоа што и оваа одлука на министерството наиде на незадовлство кај добар дел од стручната фела, Филипче не отстапува од централизацијата на лабораториите и тврди дека со тоа ќе се овозможи заштеда на системот.