Центарот за социјални работи ќе одлучи за старателството на 14-месечното бебе кое беше претепано и донесено на Ургентен со тешки повреди на главата и нозете, по неговото закрепнување.

Засега, социјален работник е во 24 часовен контакт со болничарите. Го следи заздравувањето и состојбата на детето и се грижи за неговите потреби и конзумирање на соодветна храна и витамини.

По отпуштањето од болница, во зависност од тоа каква ќе биде неговата здравствена состојба, стручниот тим од Центарот за социјална работа ќе се погрижи да добие и соодветен облик на заштита со цел и понатаму да му се унапреди здравствената состојба за да може колку толку да опстојува во едно нормално семејство. Не можеме да кажеме каков ќе биде тој облик на заштита се додека не добиеме отпусно писмо со напатствија каква ќе биде понатамошната грижа и какви се потребите на детето“, вели Наташа Станојевиќ – Директор на Меѓуопштински центар за социјални работи.

Мајката на бебето во моментов е сместена во прифатен центар каде што добива психосоцијална поддршка од социјалните служби, против неа е поднесена кривична пријава за запуштање и малтретирање на малолетно лице.

Бебето беше претепано на 14 јули и донесено на Ургентен со тешки повреди. Мајката прво велела дека детето паднало од креветче, за на крај да признае дека е претепано од човекот со кој таа живеела.