Министерството за здравство за 4,6 милиони денари или 74.700 евра бара проектант кој ќе изработи проект за изградба на катна гаража во Клиничкиот центар. Јавниот оглас за изработка на идеен, основен и сообраќаен проект за изградба на катна гаража во Клинички Центар „Мајка Тереза“, Министерството го распишало на 24 минатиот месец, а понуди може да се достават до 14 овој месец.

Вања Андонова, од кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче, вели дека огласот е распишан за изработка на проект со кој е предвидено изградба на монтажна катна гаража на местото на старата зграда на Клиниката за гинекологија.

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЗА 4,6 МИЛИОНИ ДЕНАРИ БАРА ПРОЕКТАНТ ЗА МОНТАЖНА КАТНА ГАРАЖА ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

„Од проектот што ќе го добиеме ќе знаеме точно на колку ката ќе биде гаражата и колку паркинг места ќе има. Нашата идеја е да има максимум катови, односно приземје плус осум ката и две подземни нивоа за паркирање. Според проектната документација што ја имаме, планирано е да има 1.800 паркинг места, но дали ќе биде така ќе покаже проектот“, вели Андонова.

Катната гаража според барањата во тендерската документација треба да биде од челична конструкција, со монтажно-демонтажен карактер, за да може што побрзо да се изгради.

„Гаражата ќе биде одвоена од новата зграда на Клиниката за гинекологија, односно нема да се гради на целата површина предвидена со маркичката, туку оставаме простор од 15 метри за изградба на зеленило“, вели Андонова.

Таа рече дека идејата со изградба на монтажна катна гаража е да се редуцира движењето со возила низ клиничкиот центар, бидејќи според нивните истражувања дневно во Клинички има 2.200 посетители, а во оваа бројка не влегуваат вработените и студентите. Според Андонова сообраќајното решение треба да понуди директен влез во катната гаража од главниот влез и да остане посебна лента за возилата на Итната медицинска помош и сервисните возила.

„Сообраќајното решение практично треба да овозможи внатрешна сообраќајница за директен влез во катната гаража и излез од страната на паркингот кај Клиниката за Онкологија. Со тоа посетителите воопшто нема да влегуваат во Клинички. Паркингот што е кај црквичката во Клинички останува, но тој ќе се користи за сервисните возила и за возила на Итна медицинска помош“, вели Андонова.

Види му го сега паметот на Филипче, село гори баба се чешла, клинички тоне во смет, нема фирма која ќе го исчисти, потенцијален извор на зарази за сите посетители вклучително и пациентите, на детската клиника нема за сапун, за тоалетна хартија, меѓутоа министерот слеп, глув, удрен во крило, налудничав, неприсебен, воопшто не го ни приметува тоа му текнало си распишал тендер за катна гаража, во вредност од 4,6 милиони денари. Ајде после кажете дека овој министер е саглам, дека треба да остане и дека знае кај тера.

Неможе децата да немаат за сапун и за тоалетна хартија, Филипче да се секира за гаража, неможе клиничкиот центар да тоне во смет, а тој да бара да биде монтажна и што побргу да се направи, а што правиме со сметот, со децата, со сапунот, со тоалетната хартија. Министре, што побргу дајте оставка, бидејќи кој и да дојде, па и Бонго од ЗОО ќе биде подобар и почуствителен со пациентите од вас и целата ваша Филипче фамилија – порачаа родителите на дечињата во клиниката за детски болести кои ги затекнавме и дознаа кои се плановите на министерот.