Во пресрет на жешката есен која што ги очекува, најмногу поради организирање на реферндумот за името, закажан за 30 септември, македонските политичари месецов го користат за одмор. Некои веќе летуваат, дел во странство, дел дома, а некои тоа ќе го направат во следниот период.

Грција, Турција, Црна Гора и Албанија оваа година се главните дестинации за владините функционери.

Премиерот Зоран Заев веќе летува во Охрид, заедно со своето семејство, а неговите заменици ќе уживаат на некоја од плажите во Грција и Црна Гора.

Министерката за Одбрана Радмила Шеќеринска и вицепремиерот задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев, со своите семејства ќе одмараат во Грција, додека Министерот за Внатрешни работи Оливер Спасовски својот годишен одмор ќе го искористи во Црна Гора. На Јадранско Море, но во Црна Гора, ќе одмара и министерот за земјоделије Љупчо Николовски.

Грција е главна летна дестинација и за Министерот за финансии Драган Тевдовски, за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, но и за министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и за министерот задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.

Некоја од плажите кај нашиот јужен сосед, но само за викенд, ќе посетат и првиот човек на министерството за здравство Венко Филипче, како и министерот за отчетност Роберт Поповски, откако ќе одморат во Охрид.

Во Македонија остануваат и Министерот за економија Крешник Бектеши кој заедно со семејството ќе летува во Струга, како и министерката Зорица Апостолска, која ќе одмара во Отешево.

Тројца од министрите одморот ќе го поминат во Турција. Министерката за труд и социјала Мила Царовска и првиот човек на култура Асаф Адеми ќе уживаат во убавините на турското крајбрежје. Во оваа земја ќе летува и министерот задолжен за странски инвестиции Аднан Ќахил, а неговиот колега Бардул Даути ќе ја посети Албанија.

Министерот без ресор Зоран Шапуриќ, својот годишен одмор ќе го користи во Италија.

Месецов ќе одмараат и вицепремиерот за евроинтеграција Бујар Османи и министерот за надворешни Никола Димитров, но не откриваат каде.

Таков е случајот и со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој што вели дека тоа е приватна работа.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак веќе беше на одмор во Охрид, заедно со своето семејство.