Новороденчињата родени од 22 до 25-та гестациска недела да не се бројат како смртни случаи, бараат од Клиниката за гинекологија.Од ГАК објаснуваат дека децата родени во петтиот месец се екстремно незрели, со неразвиени витални органи и шансите за нивно преживување биле минимални. За ова го известиле и здружението за перинатална медицина кое треба да ја покрене иницијативата до здравствените власти. На денешниот брифингот од Клиниката посочија дека до 2015 година бебињата родени под 25 недела не ги евидентирале, туку ги вбројувале во абортуси. Границата била спуштена по препораки на СЗО, но други земји не го направиле тоа.
Од ГАК посочија дека дури 80 проценти од 35-те починати новороденчиња во првите три месеци биле родени предвреме под 28 –та гестациска недела.
Инаку според искуството на лекарите од гинекологија во изминатите 27 години само 4 бебиња родени во 5-от месец преживеале. Тврдат дека и во развиените западно европски земји педијатрите тешко ги спасуваат децата родени во 25-та недела.