По низата несоодветни случувања во градинките низ Македонија, од несоодветен однос на вработените, па се до изгризани деца, група на родители поднесе иницијатива за поставување на камери во градинките. Оваа постапка предизвика бура на реакции некои одобруваат некои осудуваат, додека од МТСП сеуште нема никаков одговор. Барањето за поставување на камери во детските градинки родителите најпрво го доставиле до Детската амбасада Меѓаши.

Таму велат дека барањето на родителите за поголема сигурност и гаранција за безбедноста на децата за време на престојот во градинките го проследиле директно до Министерството за труд и социјална политика.

– Граѓаните сакаат да имаат увид во квалитетот на грижата, негата, образованието и воспитувањето на децата за време на престојот во градинките – велат од Меѓаши

Родителите исто така се жалат на несоодветниот кадар и на недоволната грижа на воспитувачките и негувателките. Велат дека во градинките има преголема натрупаност, предолги листи на чекање и не се почитуваат роковите за запишување на децата, па се создава метеж.

– За успешно и обезбедување на квалитетни услуги за децата во градинките потребни се добро обучени негувателики и воспитувачки, со соодветна награда за нивниот труд, интензивна соработка со родителите и постојана доедукација за работа со децата од најраната возраст. Тоа се клучните чекори што Министертвото за труд и социјална политика треба да ги преземе во градинките. Контролата на работата на негувателките и воспитувачките се извршува преку постојано подобрување на квалитетот на услугите во работата со децата, со вработување на компетентен и посветен персонал, кој го става детето неговите потреби на прво место во сите активности што ги презема градинкатата како воспитна, образовна и згрижувачка институција – потенцираат од Меѓаши.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека законски, само родителите можат да поведат иницијатива за поставување на камери во детските градинки и доколку постои ваква иницијатива, детските градинки треба да преземат соодветни мерки кои се во согласност со Законот за заштита на личните податоци.

Родителите се со поделени мислења во врска со оваа тема. Некои сметаат дека е добро да има камери во градинките, бидејќи на тој начин ќе има поголема контрола врз вработените и нивниот однос кон децата. Други, пак, ја осудуваат оваа иницијатива, велејќи дека ова отвара можност за злоупотреба на снимките. Родителите и вработените во градинките потенцираат и на фактот дека вината за однесувањето на децата мора да се побара и кај самите родители.

„Мора да се види и како дома децата се воспитуваат“. „Треба да има повеќе соодветен кадар“. „Не само вработени повеќе, треба да се обезбеди и соодветен простор. Не може 30 и повеќе луѓе во еден мал простор во кој има и маси и столчиња и шкафчиња за секое дете“. „Секое насилство врз децата треба соодветно да се пријави. Работам во градинка и низ годините сешто се имам изнагледано. Децата од дома доаѓаат со модрици и посекотини. Не се работи само за односот на воспитувачките, туку и како дома децата се третирани. Поголемиот дел на агресивност кај младите доаѓа од домот“. Ова се само дел од коментарите на родители на социјалните мрежи.