Почна постапката за доделување лиценци за трансплантација на органи кои би требало да се вршат во приватните клиники во Македонија, со цел пациентите да не одат во странство да им се пресадат органи доколку тоа може да се направи тука. Владата вчера во Службен весник ги објави одлуките за доделување по три лиценци за пет органи: бубрези, бели дробови, срце, панкреас и крвотворни матични клетки.

Според условите, лиценците за трансплантации ќе важат пет години. Ќе им се доделат на тие што ќе понудат највисок месечен износ за надомест за лиценцата, во период од шест месеци по денот кога е објавен јавниот повик.

Приватната здравствена установа што ќе добие лиценца треба да исполни одредени услови ќе биде задолжена за време на трансплантација да повика и да обучува и доктори од јавно здравство кои исто така работат на трансплантации во државните клиники, при што не смее да ги вработи. Ќе треба да ангажира и странци со искуство во областа и кои поседуваат соодветен сертификат.

Според одлуката, ќе се доделуваат по три лиценци за трансплантација за секој од наведените органи, за возрасни и за деца. На една здравствена установа може да ѝ биде доделена само една лиценца. Освен за граѓани на Македонија, оваа услуга ќе може да ја користат и странци, но само ако платат приватно и само од живи донори.