Младите специјализанти кои приватно го печат занаетот, сѐ уште немаат добиено плата за работење во Клиничкиот центар во Скопје.

Ресорниот министер Венко Филипче им вети уште пред три месеци, а тоа го повтори и денеска, признавајќи дека исплатата на специјализантите доцни поради административни процедури.

Младите специјализанти пак, велат дека доколку овој проблем продолжи и понатаму „чарето“ ќе го бараат во земјите од Западна Европа.

Ова е ветувањето од министерот за здравство, Венко Филипче до приватните специјализанти. Им рече дека во јуни ќе им биде исплатена мајската плата. Но при крајот на август, 92 специјализанти од генерацијата 2018, сѐ уште не зеле ни денар. Една од нив е и Александра Ѓорѓиева, која за специјализација по кардиологија, која трае шест години, треба да плати 12 илјади евра, сопствени пари.

Александра вели дека и таа, како и многу нејзини колеги, решението го гледаат надвор од државата. Во моментов на Клиничкиот центра во Скопје има преку  300  лекари кои специјализираат приватно. Од нив проблематична е само последната генерација, бидејќи за нив не е предвиден буџет, вели министерот Филипче.

  Министерот Филипче, денеска  одново вети дека  специјализатните ќе ги добијат платите за месеците кои ги имаат одработено, но не прецизираше кога. Преку 500 специјализанти , приватни или од државните квоти, паралелно работат во Клиничкиот центар со вработените лекари, често со долги дежурства. Тие со години се борат да добијат барем сличен статус, и плата. И не исклучуваат дека понекогаш пациентите ги чувствуваат последиците од нервозата на младите лекари кај кои се обраќаат.