Нашата ќерка не е повеќе жива поради нефункционалниот здравствен систем полн со грешки, недоследности и бирократски процедури вели  Благоја Крстаноски, татко на 11 годишната Ева од Долно Коњско, охридско, која почина пред три дена по тешка битка со леукемија, додека чекаше да биде испратена на лекување во странство. Последните денови од животот Ева ги минала на село со татко и, кого постојано го тешела дека се ќе биде во ред.

Крстаноски вели дека не може да си прости што не успеал на Ева да и овозможи да се лекува во странство, бидејќи државата и покрај неговата жалба не сакала да ги пренамени веќе одобрените средства во висина од 145.000 евра за лекување во Турција за една од двете предложени клиники во Германија. Не помогнало ниту тоа што со семејството и хумани граѓaни собрал 200.000 евра, а почнал и постапка за ставање под хипотека на семејната куќа. Начинот на кој Ева беше третирана е рамен на убиство, смета Благоја, додавајќи дека одговорните во здравтсвото не сакале ниту да се сретнат со него.

Фондот за здравствено осигурување во соопштението испратено денеска објаснува дека одлуката за лекување во странство на Ева ја донела лекарската комисија врз основа на конзилијарно мислење и законски критериуми. Побарани биле понуди од 22 странски болници, но од болниците од Гисен и Дизелдорф на кои инсистирало семејството Крстаноски не добиле.

„Понудата од болницата во Дизелдорф која е презентирана во јавноста, воопшто не била ниту доставена ниту презентирана во Фондот. Дополнително, писмото од болницата во Гисен до семејството на Ева е само информативно електронско писмо, кое нема конкретни елементи на понуда. Комисијата не можела да земе предвид при одлучувањето за избор на лекувањето, понуда која не е презентирана“, велат од ФЗОМ.

Одговорните во здравството не треба да се затскриваат зад соопштенија туку најитно да се зафатат со подобрување на условите во македонското здравство кои се катастрофални, додава Крстаноски. Сами купувавме лекови, бидејќи на Детската клиника ги немаше. Немаше ниту реагенси за неопходните анализи, а за другите услови, и да не зборуваме вели Крстаноски, кој упати голема благодарност до сите хумани граѓани за помошта и искажаните зборови на утеха.

Дел од пораките кои кружеа по социјалните мрежи можеа да се видат и да ја споделат болката со семејството крстаноски, а воедно и да изразат незадоволство од начинот на кој владата се расфрла со пари, додека во здравството се губат детски животи.