Тагата е преблаг збор за да се опише траурната атмосфера која владее во семејството на малиот Љутви кој во саботата почина на Инфективната клиника во Скопје од „менингококна бактерија„. Шокот и неверувањето дека повеќе го нема до само пред четири дена сосема здравото и весело дете, полека изминуваат, па таткото Илми, скршен од болката, сега си ги враќа трагичните настани наназад, барајќи ги причините кои доведоа до тоа двегодишното момченце за неполни 24 часа да ја загуби битката за животот.

Илми се повеќе е убеден дека при лекувањето на неговиот син на Детското одделение во прилепската Болница, најверојатно бил направен некаков пропуст, особено по давањето на втората инекција после која на детето почнала да му отекува и модрее едната нога.

Иако болката за прераната загуба е и премногу свежа, сепак, Илми вели дека вистината за смртта на неговиот син ќе ја докажува преку судските инстанци како во земјава, така и преку Меѓународниот суд за човекови права.

Инаку, семејството Холцман веќе 19 години живее и работи во Виена, Австрија. Малиот Љутви и неговото три години постаро братче родени се во Австрија. На одмор во родното долненско село Житоше дошле на 1-ви јули годинава.

И покрај се министерот ниту е достапен, ниту излегува да даде изјава, ниту воопшто се оптоварува со проблемите на македонските пациенти и судбините со кои тие се соочуваат секојдневно.