Како било лекувано двегодишното дете од прилепско Житоше кое пред една недела почина на Инфективна од тешка форма на сепса и дали во третманот навреме е постапено според медицинските протоколи, министерот Филипче допрва ќе разговара со одговорните во здравствените установи во кои било згрижено детето.  Засега не е формирана комисија за да испита дали во случајот има лекарска грешка или ненавремена реакција на медицинскиот персонал.

– Би сакал прво да разговарам со одговорните и во прилепската болница и во клиниката во Скопје па потоа да ги превземеме сите активности што треба да ги направиме, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Таткото на починатото дете обвини за пропусти во лекувањето во прилепската болница и најави дека правдата ќе ја бара до крај. Од Инфективната клиника информираа дека болеста се јавила неполни 24 часа пред пациентот да биде донесен со Брза помош во Скопје. Анализите направени во Институтот за јавно здравје на земените материјали од лицата кои имале контакт со двегодишното дете покажале дека никој од блиските немал менингококна бактерија која според лекарите предизвикала сепса кај детето.