Зад референдумот и обидот на премиерот Зоран Заев да го избрише името Република Македонија и македонскиот идентитет се одвива брутален грабеж и милионски тендери кои се делат на татковци, браќа и пријатели на криминалниот картел на власт, рече денеска на прес-конференција Дафина Стојаноска, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што кажа таа, договорите за набавки во четири очи се специјалност на Заев и министерот за здравство Венко Филипче.

„Медиумите повторно објавуваат скандалозна набавка меѓу ќерката директор и таткото газда на веледрогерија. Главни актери повторно се Клиниката за радиотерапија и онкологија и веледрогеријата Пановски. Повторно е склучен договор во четири очи за набавка на лекови од веледрогеријата Пановски во вредност од околу три милиони денари. Замислете, постапката повторно е со преговарање без претходно објавување на оглас. Оправданоста повторно ја правдаат со крајна итност и нормално има само една понуда која што ја дава таткото на актуелната директорка“, изјави Стојаноска која додаде дека ова е само еден од неколкуте договори во четири очи што се повторуваат.