Долго најавуваниот новиот клинички центар кој што граѓаните го чекаат не се знае со сигурност ниту каде ниту пак кога ќе почне да се гради, а уште помалку кога ќе биде готов. Министерството за здравство се предомисли, новиот клинички центар нема да се гради во Бардовци, како што беше најавено. Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за телевизија 24 соопшти дека сега се разгледува опцијата новиот објект да се гради на место до Злокуќани под скопската обиколница.

Според предомислувања на Филипче за локација каде ќе се гради новиот клинички центар, очигледно е дека граѓаните ќе почекаат до 2030 година. Тие и понатаму ќе се лекуваат во застарените објекти, а медицинскиот персонал од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и понатаму да работи во несоодветни услови. Речиси и по година дена од најавите, Филипче повторно нема конкретно решение ниту за новиот клинички центар, ниту пак за сообраќајниот хаос на Клинички, за што беше најавена изградба на нова катна гаража, која се уште не почнала да се гради.

Доколку се продолжеше со реализација на проектот од претходната влада граѓаните ќе можеа поскоро да се лекуваат во соодветни услови. Според договорот потпишан од Владата на ВМРО-ДПМНЕ со светски компании кои имаат експертиза од оваа област, новиот Клинички центар требаше да биде готов за 45 месеци од почнувањето со градба и тоа за сума од околу 120 милиони евра.