Зимското сметање на времето почнува престојниот викенд кога во сабота кон недела во три часот по полноќ стрелките од часовникот ќе се поместат еден час назад.

Тоа значи дека времето во три часот ќе се смета како два часот.

Зимското сметање на времето почнува последниот викенд од октомври и трае до последниот викенд во март кога започнува летното сметање на времето.

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во септември изјави дека ЕУ планира да го укине преминувањето од летно на зимско сметање на времето.  Одлуката доаѓа откако мнозинството анкетирани граѓани на ЕУ рекоа дека треба да се укине поместувањето на стрелката на часовникот.

Според предлогот секоја членка на ЕУ до април 2019 година треба да одлучи дали ќе остане во зимско или летно сметање на времето. Последно задолжително поместување на времето на летно сметање ќе биде на 31 март 2019 година, а членките кои сакаат да се вратат на зимското сметање на времето би можело тоа да го направат уште еднаш на 27 октомври 2019 година.

И Македонија ќе го следи примерот

По оваа одлука, Бирото за меторологија при Министерството за економија соопштија дека во Македонија се следи процесот на усвојување на предлог директивата и претстои усогласување на националното законодавство на РМ и определување на начинот на транспонирање на ЕУ директивата.

Причина за покренување на иницијативата во европските земји, а укинување на промената на времето беа негативните последици по човековото здравје, земјоделството и безбедноста во сообраќајот. А спроведената анкета покажа дека 84 проценти или 4,6 милиони Европејци не сакаат да им се поместуваат стрелките на часовникот.

За укинување на летното време веќе се изјаснија Литванија, Естонија, Летонија и Финска.

Промената на времето во западна Европа е воведено во почетокот на 1970 година со образложение дека со тоа се продолжува денот, се овозможува заштеда во потрошувачката на електрична енергија, се зголемена продуктивноста, го подобрува приспособувањето на луѓето и работниот ден се прави поефикасен.

Преминот од летно во зимско време првпат е забележано во 1916 година во земјите на северна Европа, а до сега е воведено во околу 70 држави, главно на северната хемисфера.

Во Македонија зимското и летното сметање на времето е воведено во 1996 година.