Вербалната расправија помеѓу две воспитувачки, која се случила пред неколку дена во една прилепска детска градинка, а која потоа прераснала и во физичка пресметка помеѓу едната од воспитувачките и сопругот на другата, ги вознемири прилепчани, а особено оние чии деца престојуваат во градинките.

Немилиот настан е пријавен и во Полиција и во него стои дека на 18-ти месецов околу пладне, додека ја распределувала храната на децата, 41-годишната В.И., со погрдни зборови била нападната од нејзината шест години постара колешка, Б.Н. Раправијата кулминирала кога во градинката дошол и сопругот на Б.Н., 53-годишниот Г.Н. кој и физички ја нападнал В.И, по што оваа случајот го пријавила во Полиција. И покрај оваа случка, која е само една од низата други, в.д. директорот на Градинките „Наша иднина“, Орце Тодоровски смета дека успесите кои биле постигнати во Установата во последниве десетина месеци биле се’ поевиднетни.

Инаку, проблемот со недостиг од градинки во Прилеп е присутен повеќе години. Иако пред две-три години беа адаптирани два нови простора, сепак, сместувачките капацитети и понатаму се малку, а групите од деца се прекубројни. Со доаѓањето на новата власт, петнаесетина воспитувачки беа избркани од работа, а на нивните места беа вработени нови, но двојно повеќе. На скандалите во ЈОУДГ „Наша иднина“, кои не се новина во последнава година, на повеќе наврати реагираа и локалните опозиционери, а и прилепската јавност, особено по откривањето на списоците според кои во градинките се запишувале само деца од локални функционери или од нивни блиски луѓе.