Едно од три деца во Македонија се соочува со емоционална негрижа додека половина од децата претрпуваат определен вид физичко насилство за време на детството. Овие податоци од истражувањето на Светската здравствена организација ги презентираше претставникот на УНИЦЕФ за Македонија Бенџамин Перкс при неговата посета на Државниот универзитет во Тетово.

– Истражувањата на СЗО за насилството врз децата се спроведени во сите земји од западниот Балкан и согласно овие податоци приближно едно од три деца претрпело определен вид физичко насилство. Во Македонија оваа бројка е поголема односно некаде едно од две деца било физички злоставувано односно има високо ниво на семејно насилство. Во рамките на овие податоци Македонија е во средината помеѓу Косово каде има помала бројка на вакви случаи и Албанија каде има повисоко ниво на семејно насилство- рече Перкс.

Перкс посочи дека најважно за спречување на насилството врз децата, без разлика дали станува збор за физичко насилство или емоционална запоставеност и негрижа, важно е родителите да бидат информирани и запознати дека со вакво лошо влијание врз нивните деца подоцна имаа негативни последици врз нивното растење и понатамошниот живот.