Надлежните од министерството за здравство и Клиниката Жан Митрев имаат разговарано за можноста детска кардиохирургија да се префрли во приватната болница. Ова пред некој ден го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, а го потврдуваат и од Клиниката Жан Митрев. Префрлувањето на детската кардиохирургија во приватната Клиника подразбира дека Фондот за здравствено осигурување треба да ги покрива средствата за ваков вид на операции.

Како што информираат од Клиниката Жан Митрев, истата со Фондот за здравствено осигурување има договор за детска кардиохирургија, повеќе од 18 години и како што велат работат детска кардиохирургија на деца постари од една година.

-До сега имаме направено над 1000 операции, воедно и минимално инвазивни процедури, информираат од Клиниката. Новина, велат од Клиниката Жан Митрев, е само новороденчињата да се приклучат на тоа што е веќе договорено со ФЗОМ.

Во однос на тоа дали се потребни подготовки од Клиниката велат дека располагаат со се што е неопходно.

-Практично не ни се потребни никакви подготовки, тие луѓе што се бават со овој дел од кардиохирургија на новороденчиња, поминуваат во нашиот тим и веднаш се продолжува со сите активности, велат од Клиниката. Оттаму информираат дека „буџетот од ФЗОМ, останува истиот што и така се плаќаше до сега, кој дел завршуваше во странство или се исплаќаше на странски екипи, кои повремено доаѓаа да вршат такви операции“.