Седницата број 130 со точка 19 за забрана за увоз на отпад како гориво не е закажана. Собранието има уште 4 работни дена пред да се распушти. Нови седници се закажуваат, но оваа – не. Беше договорено дека прва точка на дневен ред кога оваа седница повторно се закаже, ќе биде точката за забрана за увоз на отпад како гориво, реагираат денес од 02 Иницијатива.

„Нè уморивте од манипулации, глумење, изговори, префрлање на одговорност кај некој друг, изјави од типот ние поддржуваме, ама не е до нас. До вас е. Владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека ќе гласаат за оваа измена. Закажувањето на седницата НЕ Е во ексклузивна надлежност на претседателот на Собранието. Да, тој ги свикува седниците согласно деловникот на Собранието, но може да свика седница и по БАРАЊЕ на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“, стои во реакцијата на 02 Иницијатива.

Еко-активистите очекуваат 20 пратеници од ДОМ, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ да поднесат барање уште денеска за свикување на 130 седница, со прва точка за разгледување забраната за увоз на отпад како енергенс. Очекуваме и претседателот Стево Пендаровски да поднесе барање за свикување на оваа седница, како и Владата.

„Престанете веќе еднаш со манипулации и изземање од одговорност и постојано префрлање на истата кај некој друг. Ни пропадна државава од вакви игри. 4️ дена остануваат, да ве видиме дали еднаш ќе останете на зборот. Од претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој ќе застанеше зад секоја иницијатива/предлог во функција на намалувањето на аерозагаденоста и заштитата на човековата средина до партиите кои изјавија дека ја поддржуваат законската измена. Крајно време е да престанете со криење. Излезете јавно и гласајте конечно“, се вели во реакцијата.