160.000 евра од Фондот за иновации легнале на сметката на „Каст инвест“, компанија во која вицепремиерот Кочо Анѓушев е косопственик. Од неговиот кабинет велат дека немало ништо спорно во ова.

  • Вицепремиерот на јавноста и го презентираше анкетниот лист и се што поседува – со што покажа транспарентност и отвореност дека нема што да крие, се наведува во одговорот од Кабинетот на Анѓушев.

Вицепремиерот не гледа конфликт на интерес, минатата недела дури и ги промовираше грантовите на кои и самиот е корисник преку уделот во „Каст инвест“.

Сопственици на „Каст инвест“ се компанијата „Брако“ на Анѓушев, како и неговиот кум Митко Кржовски и бизнисменот Владо Атанасовски.

Меѓу грантовите што Фондот ги додели минатата недела се и оние на пратеникот на СДСМ Хари Локвенец кој е косопственик на печатницата „Гинис“ од Прилеп која доби 162 илјади евра. Истата сума ја доби и весникот „Слободен печат“.

За директорот на Фондот за иновации нема ништо проблематично во распределбата на парите – вели дека постапката била транспарентна

На првиот јавен повик за финансирање на микро, мали и средни претпријатија од Планот за економски раст грантови добија 80 компании или една третина од пријавените. Тие добија вкупна сума од 10 и пол милиони евра.