14-ти ноември е последниот ден за доставување на понуди за распишаната јавна набавка од министерството за здравство за изработка на физибилити-студија и анализа за услугите на Брза помош и Домашна посета, со цел да се најде најдобар модел за воспоставување јавно-приватно партнерство. За оваа физибилити студија беше проценета вредност за 600.000 денари. При завршување на доставување на понудите, истите ќе се отворат во просториите на министерството за здравство, така пишува во електронскиот систем за јавни набавки.

Министерот за здравство Венко Филипче за „Независен весник“вели дека сакаат да вклучат критериуми за експертиза што ја нема кај нас, со што би се добило на квалитет. Очекува да се јават лекари од странски здравствени установи. Суштината е за иста цена на чинење на здравствената услуга да се добијат подобри услови.

„Суштината е за истата цена на чинење на здравствената услуга да се добијат многу подобри услови. Ние даваме дејност што во моментов или ја немаме или ја имаме, како што е Брзата помош, а не сме задоволни од тоа како функционира. Сакаме да бидеме сигурни дека во моментот кога ќе го дуплираме капацитетот на возила, на пример, во Брзата помош во Скопје, тоа како систем ќе биде доволно. Меѓутоа, ако сметаме дека нема смисла ние да инвестираме во возила, тогаш ќе биде подобро да направиме аутсорсинг. Која е другата поента? Ние ги правиме физибилите-студиите за да покренеме јавна дебата од која треба да излезат заклучоци. Да видиме дали може некој за иста сума пари да ни даде возила, експертиза“, вели Филипче.