Минатата година околу 100-тина родители не ја исполниле обврската за вакцинација на своите деца. Дел од нив се упатени на суд, а дел веднаш ја платиле казната која се движи од 300 до 650 евра, бидејќи така предвидува актуелната законска регулатива.

Минатата година во Македонија биле вакцинирани 130.000 деца, а процентот на компликации бил како во сите земји во светот. Фактите  говорат дека Македонија од земја која пред некоја година имаше 98% опфатеност, под притисок на јавноста, особено на социјалните мрежи, имунизацијата во урбаните средини драстично опадна дури и под 90% и поради тоа сега сме  во групата на високоризични земји за ширење на заразни болести.

ДЗС потврдува дека во Скопје, Прилеп и Куманово опфатот на имунизација е под 90%, а во некои скопски општини вакцинирањето со МРП е под 60%.

Изминативе години здравствените власти во континуитет апелираа дека вакцинирањето значи заштита на сопствените деца од заразни болести и затоа апелираат да има задолжителна редовна имунизација. Истовремено неопходна е и потврда за примени вакцини при упис во градинка и училиште.