На средбата што се одржа вчера во просториите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Фондот и Лекарската комора на Македонија се договорија да се потпише анекс за продолжување на постоечките договори со избраните лекари, гинеколозите, педијатрите и лабораториите, што ќе се применува во наредните шест месеци, соопшти Лекарската комора.
Во меѓувреме, преставниците на Фондот за здравство и Комората ќе формираат посебни работни групи кои ќе работат на подобрување на договорите и нивни корекции.
На средбата, како што се наведува во соопштението на ЛК, со директорите на Фондот Ден Дончев и Орхан Рамадани е договорено да се стави мораториум на договорните казни во овој период, освен за случаите кога со повредата е сторено кривично дело.
Работните групи ќе работат на дефинирање и начинот на спроведување на целите, со цел да се подигне нивото на превентивна здравствена заштита на населението во Македонија, казнената политика, различни поени по возрасни групи за одредени специјалности, дежурствата, контролите…, интенција ќе биде во овие групи да се вклучат и преставници од Министерството за здравство, со оглед што за некои од дадените иницијативи и предлози е потребно изменување на законите и подзаконските акти, се додава во соопштението.
ФЗОМ истакна дека е подготвен низ дијалог да се дојде до најсоодветните решенија за осигурениците и избраните лекари.
На средбата Фондот за здравство понудиле три можности, да се разгледуваат понудените предлог договори член по член, да се прифатат предлог договорите со важност од една година и во меѓувреме за тој период да се работи на сите отворени прашања и да се направи анекс за продолжување на постоечкиот договор за шест месеци.