Министерството за здравство и натаму не ги покажува МРП вакцините за кои тврдат дека се со добар квалитет, од европски производител и со валиден рок на траење, а само со погрешни декларации. И покрај тоа што министерот Филипче вчера изјави дека јавноста има право да ги види за да се увери дека се безбедни, денес нема никаков одговор назад од здравствените власти.
„Да секако може да имате увид, јавноста има право да знае“ – изјави Филипче.
Од компанијата ГлаксоСмитКлајн, која ги произведува вакцините, денеска не ни одговорија дали завршила и што покажала внатрешната истрага што ја водат во врска со пропустот. Министерот најави дека ќе бара максимална парична казна од компанијата. Согласно законите за ваков прекршок казната се движи од 25.000 до 50.000 евра. Дозволата за работа нема да и биде одземена на фирмата, бидејќи се утврдило дека пропустот е технички и дека не станува збор за шверцувани или лекови со поминат рок. Од Агенцијата за лекови пак изјавиле дека декларациите не биле стари како што првично беше соопштено, туку грешно биле испечатени.
Фирмата увозник и дистрибутер „Македонија лек“ претходно се извини за направената грешка. Скандалот со МРП вакцините го обелодени граѓанин кој објави фотографија од спорните вакцини на социјалната мрежа Фејсбук.
Граѓаните имаат право да ги видат вакцините и ако некој посака може и да ги однесе на проверка да се увери што содржат тие вакцини и со кој квалитет се, зар не? Нели г-не министре Венко Филипче се боревте за транспарентно работење и транспарентна влада и власт, повелете демонстрирајте го тоа. Доста беа само тендери во четири очи и профитабилни одлуки.