Сите оние што патат од мигрена знаат дека нападите на главоболка се неочекувани. Научниците од генералната болница „Масачусетс“ во Бостон заедно со Медицинското училиште при „Харвард“ велат дека успеале да развијат нов модел кој ја предвидува главоболката, со што на пациентите им се дава можност навреме да земат превентивна терапија.

Тестот вклучувал набљудување на нивото на стрес што личноста го доживува ден претходно. Пациентите главно зборувале за стресот кој го доживеале 24 часа пред да се појави нападот на главоболка. Некои луѓе имаат повисок ризик од другите, но досега нападот на главоболка не можел да се предвиди со голема сигурност.

„Истражувањето покажува дека е можно да се прогнозира најавата на главоболка кај личност што пати од мигрена“, вели д-р Тим Хоуле, професор по анестезија. Со оглед на тоа што мигрените се непредвидливи, пациентите често чекаат да земат лекови кога нападот ќе биде посилен.

Мигрената не е само главоболка, таа доаѓа со други симптоми како што е попреченост на видот, чувствителност на светло, звуци и мириси, чувство дека сте болни и често повраќање. Мигрената е шеста на листата со болести што оневозможуваат нормално функционирање во текот на денот. Повеќето луѓе што патат од мигрена имаат напади еднаш или двапати месечно. Повеќе од 90 отсто од луѓето не можат да функционираат нормално и да работат.

Тимот на доктори вели дека моделот за прогнозирање користи или фреквенција на стресни случувања или интензитет на случувањата во предвидувањето на појавата на нападот. Иако повеќето учесници во истражување го опишувале стресот како умерен, стресот бил најсилен ден пред појавата на главоболката.

За да биде попрецизен моделот за прогнозирање, потребни се дополнителни истражувања пред клиничко користење.

Неврологот Стефани Вертрес, асистентка на Колеџот за медицина во Тексас, вели дека ова не дејствува кај секој или секојпат, но може да се покаже како добар начин за ублажување на мигрената. Се чини дека „замрзнувањето на мозокот“ и мигрената делат ист механизам на проток на крв. И двете го зголемуваат протокот на крв преку предната мозочна артерија.

За мигрената се верува дека ја предизвикува промената на протокот на крв во мозокот. Не се знае како се случува, меѓутоа, научниците мислат дека намалувањето на главоболката може да се постигне со сладолед или ладен пијалак, што на некој начин го регулира протокот на крв поврзан со мигрената.