Одлуката Центарот за зависници да се дислоцира во општина Гази Баба ги извади жителите на протест. Велат дека ваков центар не треба да биде во урбана средина каде во близина има и училиште.
Бараат институциите да најдат соодветно решение на проблемот, а од градоначалникот Борче Георгиевски побараа да го повлече издаденото одобрение за отворање на центарот во оваа општина.
Во текот на вчерашниот ден жителите најавија и петиција до општината, а доколку институциите останат глуви на барањата ќе продолжат со протести. Велат дека ги паметат сликите од Центарот во Кисела Вода, кој беше опколен со шприцеви и игли на сите страни и каде не се водеше грижа што во близина имаше училиште, па затоа не сакаат истото да ги снајде и во нивната општина.
Од општина Гази Баба денеска не добивме никаков став на оваа тема. Мобилниот на градоначалникот Борче Георгиевски беше исклучен, а не ни одговорија ниту од службата задолжена за комуникација со медиумите.
Министерот Филипче пак вели дека следната недела ќе се сретне со градоначалникот и додава дека нема да се носат наметнати решенија.
Центарот за зависници претходно беше лоциран во општина Кисела Вода. Тамошните жители исто така со години наназад протестираа и бараа дислокација поради тоа што велеа дека не се чувствуваат безбедни и дека лицата што се лекуваат во Центарот расфрлале игри и шприцеви кои се опасност за најмладите и за околината, а како што тврдеа мештаните – имало и неколку случаи на деца кои се повредиле со употребени игли кои биле расфрлени во дворот на Центарот.
Во установата се лекуваат 500 зависници.