Откако Алијанса за Албанците објави дека за 35% се зголемени цените на операциите на срце во приватните клиники, од Фондот за здравство не одрекуваат, туку објаснуваат дека поскапувањето е усогласување со инфлацијата.
Фондот за здравство: Здравствените услуги од болничка здравствена заштита кои имаат договор со Фондот за здравство извршените услуги до Фондот ги прикажуваат по методата Дијагностичко сродни групи (ДСГ). Во ДСГ методата во нашата држава се содржат 679 ДСГ групи со референтна цена. До јануари 2019 година Фондот немаше направено корекција на референтните цени на 572 ДСГ од 2010 година, кај 70 ДСГ од 2012 година, додека за останатите ДСГ групи направени беа корекции на референтна цена во последните 3-4 години. Овие цени важат подеднакво и за јавните и за приватните здравствени установи.При прилагодување на референтните цени, Фондот како основа за зголемување на трошокот на здравствените услуги тргна од кумулативната инфлација за периодот 2010-2018 (со проекција за 2018) според официјалните податоци на Народна банка на Р. Македонија, која изнесува 15%. За ДСГ групите чија референтна цена не е променета од 2012- 2013 година усогласувањето е 9% (инфлација за периодот 2012-2018).Оттаму, зголемувањето на референтните цени од јануари 2019 година не е само за кардиоваскуларните операции, тука за лекување на пациентите во над 640 ДСГ групи, соопштуваат од Фондот.
За илустрација – кардиоторакалните/васкуларни процедири на новороденчиња кои до ноември чинеле 782.302 денари за една операција, во ноември лани цената се зголемила на 899.647 денари, а од 1 февруари годинава 1.124.559 денари. Или зголемувањето е 40 %, а фондот пресметал кумулативна инфлација од 15%.
Она што понатаму следи во одговорот, всушност е суштината за одливот што се случи од државното во приватното здравство. Имено, во февруари годинава кардиохирургот Владимир Чадиковски, специјализиран за операции на срце кај деца, заедно со целиот свој тим го напушти државното здравство и премина да работи во Клиничката болница Жан Митрев. Тоа го потврдуваат и од Фондот за здравство.
-Зголемување на цени на кардиоваскуларните операции нема, но во февруари, откако тимот за детска кардиохирургија од ЈЗУ Универзитетска клиника за детска хирургија започна со работа во ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев, беше потребно да се усогласат референтните цени на двете ДСГ групи кои ги покриваат кардиоваскуларните операции за деца, бидејќи согласно Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи кои вршат болничка здравствена заштита. Бидејќи, Фондот со ПЗУ „Жан Митрев“, покрај договорот за детска кардиохирургија има договор и за кардиохирургија кај возрасни, не може да му се додели Терциер 2 само за детска кардиохирургија. Од тие причини се направи усогласување на референтната цена за овие две ДСГ групи“, соопштија од Фондот за здравство.
-Сето ова може и да биде точно и логично, но растот на овие цени два пати за една година ни дава право да се сомневаме дека се работи за нов скандал ако ги споредуваме замрзнатите цени на другите интервенции во текот на неколку децении и обезбедување на големи средства за овие операции кои се прават само во приватните болници ‘Аџибадем’ (6,5 милиони) и ‘Жан Митрев’ (9,1 милиони евра) за 2018 година“ , реагираа од Алијансата.
За директорот на Фондот, Ден Дончев, индикативно е дека овој случај партијата на Села го изнесува сега, како што рече, да манипулираат со оваа информација.