Граѓаните на Дојран стравуваат дека за три недели ќе нема кој да им вади крв, медицинска услуга потребна и при рутнски општ преглед. По 40 години во овој град и во 21 век, како што кажуваат дојранчани, вработената која работела како сестра и земала примероци од крв оди во пензија. Тоа ќе се случи набрзо, а на повеќето граѓани кои одат во амбулантата веќе им било кажано дека делот за земање крв во Дојран ќе се затвори.

„Од пред 2-3 години добивме во амбулантата и апарат да може барем основната крвна слика да се дознае, без ЦРП или шеќер, и истиот не е во функција, расипан ли е или што точно не знам. Но знам дека вработената кај и да е ќе оди во пензија, што ќе биде понатаму ќе видиме, иако се зборува помеѓу жителите дека најверојатно овој оддел од амбулантата ќе се затвори“. Но и покрај ова патот до крвна анализа на дојранчани е небулозен, за да може да добијат резултат жителите на Дојран крвта мора да ја испратат во лабораторија во Гевгелија. Истото е и за туристите во текот на сезоната доколку имаат потреба.

Примерокот се вади во Дојран, па вработените од амбулантата чекаат било кој да помине со превоз за да ја пратат  во Гевгелија. Немаат автомобил или некој кој треба да ја земе во соодветни услови и да транспортира до лабораторијата во Гевгелија.

Граѓаните велат дека најчесто земената крв за испитување во Гевгелија се праќа по приватни возила и автобуси.

Инаку, директорот на ЈЗУ Општа болница Гевгелија,  Митко Крџев потенцираше и дека во текот на целата летна сезона општина Дојран ќе биде покриена со екипи на Итната медицинска помош.

Од 07 Јули до крајот на летната сезона, 31 август според директорот дојранчани и туристите ќе бидат покриени 24/7 со екипи на Итната медицинска помош.