Синдикатот на Клинички центар го осудува физичкиот напад врз докторoт дерматовенеролог вработен во Клиничката болница во Тетово и му посакува добро здравје и брз опоравок.
Овој дрзок и брутален напад извршен во присуство на органите на јавен ред и мир укажува дека и покрај сите декларативни изјави, Повелби и Декларации потпишани и искажани во изминатиот период со цел ваквите инциденти да се спречат или станат изолирани појави, истите и понатаму продолжуваат и се со зголемен интензитет и честота.
Очигледно е дека докторите, медицинските сестри и останатите вработени во здравството при извршување на своите работни задачи се недоволно заштитени, и секојдневно изложени на животозагрозувачки инциденти, стварност која не ја посакуваат и не е по нивна воља.
Според Синдикатот на Клинички центар, она што недостасува е превентивата, која е минимална, а во голем број ЈЗУ и во целост недостасува.
Синдикатот на Клинички центар за цело време во изминатиот период укажува на потребата од изготвување законска регулатива која ќе го обврзе работодавачот да обезбеди систем на професионална и ефикасна заштита од физичко и вербално насилство на вработените во здравството.
Што подразбира таков систем:
1. Унапредување на здравствената и општа култура на населението.
2. Почитување на етичкиот и морален кодекс од страна на здравствениот и друг персонал.
3. 24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија со контролиран и ограничен пропуст на цивили и членови на фамилија, слично како во приватните болници.
4. 24 часовен централен видео надзор на влезовите, излезите и поедини простории во објектите на ЈЗУ со почитување на законските и други прописи и норми за заштита на личните и други права на пациентите и вработените.