Уште едно од ветувањата на оваа власт и министерката Царовска. После невиденото покачување на пензиите на сите пензионери по 36, односно 72 денари, сега следи нов бран на поволности за пензионерите.
Во министерството за труд и социјална политика во тек е изготвување на Законот за работни односи чие донесување е планирано за годинава. Имено, според информациите предвидено е да се овозможи намалување на работното време за повозрасните работници без притоа да имаат намалување на платата.
Се предвидува жените работнички со навршени 60 години старост да работат 6 часа, а ја задржуваат целата плата до пензија, а мажите работници со навршени 62 години старост, исто така, ќе работат 6 часа и до пензионирањето ја задржуваат целата плата.
Дополнително според нашите информации ќе биде воведена можност државата да субвенционира ангажман на млади кадри кои ќе ги заменуваат во преостанатите 2 часа.
Ќе видиме како сето ова ќе се изреализира на дело, посочуваат граѓаните кои веќе се скептици за ваквите ветувања и нивното имплементирање.