Јавното обвинителство го информирало премиерот Зоран Заев, а преку него и министерството за здравство и ФЗО, оти за фирмата „Дијамед“ која има и дваесетгодишна концесија за дијализа, ќе има истрага, изјави лично премиерот, кој потврди дека и самиот ги предупредил Швеѓаните што сакале да ја купат македонската фирма за истрагата.

-Кога се обраќа јавното обвинителство до државните институции, кои се под премиерот, Фондот за здравствено осигурување и министерството за здравство, ние знаеме дека се води истрага. Логично, чесно и одговорно е пред било кој инвеститор, како што е шведски „Дијаверум“, државата да ги соопшти сите информации, изјави Заев.

Заев потврди оти имал средби со Зоран Милески, алијас Зоки Кичеец, второосомничен во „Рекет“, кој веќе и регионални медиуми го споменаа како инволвиран и во аферата „Рекет2“, но не за „Дијамед“ туку за други бизнис интереси. Тој упати и порака до Вера Иванова, оти ако немала аргументи за обвинувањата, ќе има одговорност за неа, како што имало за министерот Филипче и Директорот на ФЗО, Ден Дончев.

-Сите треба да знаат дека кога индицираат некои работи, истите треба да ги поткрепат со аргументи, бидејќи кога се бараа одговорност од некои лица, двајцата, беа посочени и министерот Филипче и директорот Дончев, а еве вклучително и јас, да понесеме одговорност, но доколку нема за што, тој што ги отвара вака работите треба да понесе поинаква одговорност. Сите ние сме луѓе и имаме образ, а на крајот на денот сите ние знаеме дијализите кои беа, како се спроведоа, како самите цени се дадени за дијализи, начинот на спроведување, затоа прашајте во Јавното обвинителство, изјави Заев.