Полово преносливите инфекции и понатаму се табу тема, до степен што дури и на пациентот не му е пријатно за проблемот да разговара со својот доктор.

Сепак, тоа не смее да биде случај доколку се сомневате дека на некој начин сте заразени со полово пренослива инфекција. Статистички, кламидијата е најчестата полова болест, со милиони нови регистрирани случаи на годишно ниво.

Тоа е голема бројка, но не треба да ве плаши. Најважно е да знаете како да се заштитите.

Најзастрашувачкиот момент со кламидијата, како и со другите полово преносливи зарази, е што во прв момент не покажуваат јасни симптоми. Но, во оној момент кога симптомите стануваат видливи, тоа значи дека веќе инфекцијата прераснала во болест.

shto-se-treba-da-znaete-za-klamidijata-spored-doktorite-02.jpg

Наједноставно е, кога сте сексуално активни, да не ги пропуштате редовните прегледи кај својот матичен лекар, особено жените кај гинеколозите. Исто така, ако имате редовна сексуална активност, најпаметно е барем еднаш годишно да правите тестови за кламидија и за други преносливи болести.

Како симптоми на кламидија кај жените се јавуваат болки при уринирање и секс, како и болки во стомакот, нерегуларни крварења и исцедок со непријатни бои и мириси. Кај мажите, најчест симптом е „тешки“ тестиси, иритации на кожата и исцедок од пенисот.

Иако е непријатна, добра вест за кламидијата е што е бактериска инфекција која ефикасно се лечи со помош на антибиотици. Но, се разбира, безбедниот секс треба да ви биде приоритет, бидејќи е полесно да се спречи непријатната зараза, отколку да ја „закачите“. Секогаш користете заштита.