Во текот на попладневните часови жестоки реакција предизвика изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена на денешната собраниска седница на пратенички прашања, дека „убаво ќе биде кога ќе видите како детенце со епилепсија веднаш станува нормално по употреба на масло од канабис“.

Контекстот на кажаното требаше да биде промовирање на благодетите на маслото од канабис, откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, го обвини премиерот дека фамилијата Заеви го води бизнисот со канабис во државата.

Една од бројните жестоки реакции на социјалните мрежи, по неговата изјава, гласи:

„Некој нека го подучи овој дека епилепсија е состојба, а не болест и дека детенце со епилепсија е нормално и без канабис. Нека поработи он на случајот да имаме квалитетни лекови, достапни во секое време и нормални здравствени услови. Не да го меша неговиот бизнис со епилепсија. За оваа изјава треба да им се извини на сите кои се соочуваат со епилепсија”, пишува Ивана Христовска.

Инаку, премиерот од собраниската говорница, на обвинувањата на Милошоски, одговори дека ништо тајно не работи Владата и рече дека манипулација е да се зборува за дрога, исклучиво се работи за медицински цели од масло за канабис.

– Моето семејство има фирма за канабис и е една од 31-та фирма која е лиценцирана, инвестицијата е во Свети Николе. Се вработува народ, а вредноста е поголема од 100 милиони евра. Пазарот на медицински канабис е 500 милиоони евра и се очекува да стигне над трилиони заради употреба на медицината. Убаво е кога ќе видите детенце со епилепсија веднаш станува нормално со употреба на канабис. Зборувавме за инвестиции – истакна Заев.

Во едно интервју проф. др. Методи Чепреганов вели: „Колку е попрост народот, толку постојат поголеми предрасуди. Добро е што сепак полека, но сигурно науката напредува и предрасудите се намалуваат. Денес кај преку 80% од пациентите,  нападите на епилепсија се контролирани и тие можат да обавуваат работа, освен оние професии што може да бидат опасни по живот доколку пациентот добие напад, на пример: на височина, покрај машина, покрај вода, покрај оган и слично“.