Триесетина студенти од повеќе универзитети во Република Северна Македонија учествуваат во Обука во рамките на проектот „Социјалното претприемништво преку призмата на Еразмус+”, организиран од страна на Одделението за меѓународна соработка на Универзитетот „Гоце Делчев” во соработка со WBAA (Western Balkans Alumni Association). Универзитетскиот професор на Економски факултет-Штип, Тамара Јованова-Апасиева вели дека обуката се занимава со со нов концепт на деловно работење кое како цел нема максимизирање на профит на индивидуи туку пред сѐ решавање на социјални и еколошки проблеми во едно општество.
– Темата е многу важна и актуелна и на глобално ниво, а како пример можеме да ја спомнеме и ЕУ, во која покра тоа што се работи за развиени економии, сепак се придава големо значење на оваа проблематика, и во истата 10 отсто од БДП отпаѓа на социјални претпријатија, а секое четврто новоотворено претпријатие е социјално претпријатие. Оттаму може да видиме дека проблемите кои ги имаме ние ги имаат и сите останати економии, и во зависност од тоа колку ќе се посветиме на нивно решавање такви резултати и ќе имаме, вели Јованова-Апасиева.
Во наредната два дена студентите ќе научат начин на формирање на социјално претпријатие, изработка на конкретен бизнис модел, а Јованова-Апасиева се надева на доста креативни идеи од страна на учесниците, кои ќе резултираат со нивна идна апликација во пракса. Студентката на Економски факултет-Штип, Сања Велакова самата се пријавила на обуката, бидејќи по завршувањето на факултетот има идеа за создавање на сопствен бизнис.
– Сакам да го збогатам моето знаење од областа на социјалното претприемништво за кое имам некои основни познавања и затоа се пријавив за оваа обука. Овие обуки што ги организира факултетот обезбедуваат ние студентите да се надградуваме и да се рангираме повисоко во однос на тоа каде сме биле пред обуката, вели Велакова.