Жолчното ќесе и жолчните канали заедно со жолчниот сок извршуваат значајни функции, меѓу кои дигестија и апсорпција на масти и екскреција на разни метаболити од црниот дроб.
Присуството на жолчни калкули (камења) во жолчниот систем е познато како холелитијаза. Ако калкулите се во жолчното ќесе станува збор за холецистолитијаза, а доколку се во жолчните канали, се работи за холедохолитијза.
Жолчните камења се цврсти формации кои се создаваат од компоненти што се наоѓаат во жолчниот сок. Жолчниот сок e жолтеникаво-зелена течност која содржи жолчни киселини, холестерол, билирубин, метали и други метаболити. Според тоа, разликуваме холестерински (камења со холестерол), билирубински (камења со билирубин) и мешани.
Причини за појава на жолчни камења
Сè уште не е децидно дефинирано што точно доведува до појава на жолчните камења. Причината може да биде една или комбинација од долунаведените теории.
  1. Воспаление на жолчни патишта. Се смета дека инфламацијата игра значајна улога во создавањето на жолчните камења. Промената на pH на жолчниот сок води до создавање на фибрин кој заедно со бактериите се основа за создавање жолчни камења.
  2. Застој на жолчката. Доколку поради која било причина (малформација на жолчни патишта, опструкција итн.) настане застој, се овозможува таложење на жолчката и формирање жолчни камења.
  3. Доколку во жолчниот сок има покачено ниво на холестерол или билирубин, а нивото на лецитин и жолчни соли е намалено, се создава можност за да се формираат камења.
Ризик фактори
Најчести фактори на ризик кои може да доведат до појава на жолчни камења се:
  • Обезност. Прекумерната телесна тежина може да го зголеми ризикот за појава на жолчни калкули.
  • Исхрана богата со холестерол. Кога во жолчниот сок има високо ниво на холестерол, а намалено количество на жолчни соли и лецитин, се создава можност за таложење на холестеролот и појава на калкули.
  • Женски пол. Заболувањата на билијарниот систем и појавата на жолчни калкули е почеста кај жените. Се смета дека причина за тоа е високото ниво на естрогени.
  • Луѓе над 40-годишна возраст. Со зголемување на возраста, жолчниот сок се заситува со холестерол, а истовремено се намалува нивото на лецитин. Тоа овозможува таложење на холестеролот и појава на жолчни калкули.
  • Бременост. Промената во хормоналниот статус во текот на бременоста предизвикува намалена секреција на жолчни соли и намалена подвижност на жолчното ќесе, со што се зголемува ризикот за појава на жолчни калкули.
  • Нагло намалување на телесна тежина. Во овој случај често се екскретира поголемо количество на холестерол, што може да доведе до појава на жолчни калкули.
  • Дијабетес. Причината сè уште не е разјаснета. Се смета дека зачестената појава на жолчни калкули кај пациенти со дијабетес се должи на намалената подвижност на жолчното ќесе и застој во билијарниот тракт.
  • Орални контрацептиви. Покаченото ниво на естрогени може да доведе до појава на жолчни камења.
  • Генетска предиспозиција. Доколку е присутна позитивна фамилијарна анамнеза (некој член од семејството претходно имал камен во жолчка), ризикот се зголемува.
Симптоми и знаци
Холелитијазата може да биде асимптоматска (без симптоми и камењата да се откријат при случаен наод) или со јасни симптоми и знаци.
Жолчни калкули
Клиничката слика при камења во жолчниот систем може да вклучува:
  • Изненадна и силна болка во пределот на абдоменот, најчесто под десниот ребрен лак. Болката може да се шири кон десното рамо и десниот дел на грбот. Се јавува најчесто по обилен, масен оброк и трае 1-4 часа.
  • Гадење;
  • Повраќање;
  • Покачена телесна температура;
  • Диспепсија;
  • Жолтица.
Компликации
При жолчна калкулоза, постои можност од појава на компликации и тоа:
  1. Акутен холециститис. Акутно воспаление на жолчно ќесе. Жолчните калкули може да предизвикаат инфламација на жолчното ќесе. Причината најчесто е поради опструкција. Оваа состојба се манифестира со покачена температура, гадење и болка под десниот ребрен лак. Доколку состојбата напредува, можна е појава на жолтица и силни болки во абдоменот.
  2. Холангитис. Воспаление на холедохусот. Холедохусот е главен жолчен канал кој може да биде блокиран од жолчни камења и со тоа настанува застој на жолчката и инфекција на каналот. При оваа состојба се јавува жолтица, покачена температура и болки во абдоменот.
  3. Панкреатитис. Воспаление на панкреасот. Присуството на калкули во жолчниот систем може да предизвика воспаление на панкреасот. Причина за тоа најчесто е блокада со жолчен камен на панкреасниот канал кој е поврзан со главниот жолчен канал.
  4. Холедохолитијаз, жолчни калкули во жолчните канали. Можно е калкулите да се јават во жолчните канали, иако најголем дел примарно потекнуваат од жолчното ќесе. При оваа состојба често се јавува панкреатитис и холангитис.
  5. Карцином на жолчно ќесе. Хроничното воспаление на жолчното ќесе дава одреден ризик за појава на карцином на жолчното ќесе. Станува збор за исклучително агресивен тумор, бидејќи тешко одговара на хемо и радиотерапија. За среќа, овој малигном се јавува ретко.
Дијагноза
Со цел да се постави дијагноза, освен детална анамнеза и преглед, треба да се направат и крвни и биохемиски анализи и ултразвук на абдомен. По потреба, можни се и дополнителни испитувања како ЕРЦП (ендоскопска ретроградна холангиопанкреатографија), ултразвучна перкутана холангиогрфија итн.
Лекување и превенција
Лекувањето на оваа состојба зависи од клиничката слика. Доколку болеста е со акутна симптоматологија, се даваат лекови за смирување на болката, лекови за третирање на инфекцијата и се советува итна хируршка екстракција на жолчните камења.
Доколку клиничката слика е мирна, покрај хируршката интервенција, постојат и други тераписки методи кои би можеле да се применат како литотрипсија и медикаментозна дисолуција (растворање на камења). За медикаментозната дисолуција, потребен е период најмалку од 6 месеци за камењата да се стопат, а постои и можност терапијата да не го даде посакуваниот ефект. Оваа терапија е скапа и се применува кај пациенти кои се ризични за да се подложат на хируршка интервенција.
Жолчни калкули
Истражувањата покажуваат дека соодветната исхрана може да помогне во превенција за појава на жолчни камења. Советите вклучуваат практикување на балансирана исхрана, која не изобилува со холестерол и заситени масти, како и редовно консумирање на оброци во текот на денот. Дополнително се советува и зголемена физичка активност, особено кај луѓе кои имаат покачена телесна тежина.