Изминува вториот месец од учебната година, а учебници се уште нема. Наставниците раководејќи се според годишната програма почнаа и со тестови за темите кои до сега ги предавале, а учениците немаат од што да учат. Учениците се снаоѓаат како знаат и умеат, едни учат од компјутерите отворајќи го сајтот на Министерството за образование каде има дел од книгите во електронска форма, но дел од учебниците не се отвораат поради заштита на авторските права, бидејќи не ги печати МОН.
Министерот за образование, Арбер Адеми во изјава за медиумите пред неколку дена рече дека прашање на време е кога учебниците ќе стасаат до учениците, но тоа никако да се случи.
„Кога сме кај печатењето од 2014 не сме имале јавна набавка за печатење учебници. Јас веќе оваа недела ги потпишав одлуките за избор на најповолна понуда. По пет години имаме успешна јавна набавка, а печатење учебници – тоа е поврзано со учебниците за кои Министерството за образование има екслузивно право, авторските екслузивни права ги има МОН. Во прашање е само време кога ќе се испечатат новите учебниците и истите ќе бидат дистрибуирани до сите училишта”, изјави Адеми пред неколку дена.
По речиси месец и половина од почетокот на учебната година никако да се комплетираат учебниците и децата да фатат ред со учењето.
Родителите велат дека децата се изгубени без учебниците и не можат да се вклопат со лекциите кои им се предаваат и прашуваат како Министерството за образование се надева на квалитет во образованието кога го немаат основното средство, односно учебници.
Во училиштата се прават тестови за кои учениците ќе добијат оценки и ќе бидат мерило за нивниот успех на наученото до сега, но децата немаат од што да научат за овие тестови.