Повеќето „симптоми“ што се појавуваат поради староста се сосема нормални, некои од нив можат да бидат знак за некој посериозен проблем.
Поради, ова добро би било да знаете на кои промени треба да обрнете внимание.
Бидејќи ракот на дојката стана навистина честа појава, секоја жена треба да знае кои промени на градите се нормални, а кои не треба да ги игнорира.
Ова се 3-те нормални и 6-те промени на градите на кои треба да обрнете внимание.
Нормални промени на градите
Стрии
Како што стареете, на вашето тело, вклучувајќи ги и градите, ќе се појават стрии. Можеби не ви се допаѓа нивниот изглед, но стриите се сосема нормална појава.
Бидејќи со стареењето се намалува еластичноста на кожата, таа „пука“ и настануваат стрии.
Неретко, стриите на градите се појавуваат и кај бремените жени, поради нивното зголемување.
Стресот е друга причина за појава на стрии, па доколку сакате да ги избегнете, најдете начин да се релаксирате.
Спуштени гради
Доколку сте забележале дека вашите гради почнале да се спуштаат, немојте да се плашите. Причината за ова е гравитацијата и ослабеното ткиво на градите.
Доколку имате големи гради или вишок килограми, најверојатно вашите гради ќе се спуштат побрзо. Покрај тоа, кај жените пушачи, постои ризик ова да се појави порано.
Зголемување на просторот помеѓу градите
Голем дел од овие промени на градите се поради намаленото количество на естроген во телото.
Тврдото ткиво во градите почнува да се заменува со масно, па со текот на времето може да ви изгледа како вашите гради да се оддалечиле една од друга.
И во овој случај, важна е големината на градите, па жените со поголеми гради, можат порано да ја забележат оваа промена.
Промени во градите кои укажуваат на некој проблем
Тврди грутки
Можеби сте слушнале дека грутките во градите се почетна фаза на рак, но ова не важи за повеќето.
Повеќето грутки во градите се само ткиво кое не канцерогено, или насобрана течност.
Сепак, доколку сте загрижени, најдобро е да го посетите вашиот лекар. Имајте на ум дека ракот на дојката може да се излечи доколку се забележи рано. Па штом ќе забележите некаква промена, закажете преглед.
Болки в градите
Канцерогеното ткиво ретко предизвикува болка, но тоа не значи дека треба да ја игнорирате болката во градите.
Понекогаш болката во градите може да биде предизвикана од поагресивен вид рак, познат како воспалителен рак на дојка, но најчесто ова е придружено со други симптоми, како појава на црвени точки.
Доколку чувствувате болка во градите подолго од една недела, или интензитетот на болката се зголемува, најдобро е да се консултирате со лекар.
Исцедок од брадавиците
Дури и ако не сте бремени или ако не доите, може да се појави исцедок од брадавиците.
Овој исцедок може да биде безбоен, бел, жолт, зелен, кафеав, па дури и со крв.
Сепак, доколку редовно имате исцедок или ако се појавува кога ќе ги притиснете градите, најдобро е да се проверите.
Различен изглед на дојките
Речиси и да не постојат совршено симетрични гради, па немојте да се плашите ако вашите се со различна големина и форма.
Но, доколку одеднаш едната дојка се зголемила или ви изгледа потврдо, тогаш би требало да проверите за што станува збор.
Понекогаш, ненадејните промени во едната дојка можат да бидат знак за рак.
Црвени точки
Црвените точки на градите најчесто се осип или иритација. Но, како што напоменавме, тие можат да бидат и знак за воспалителен рак на дојката.
За да се заштитите, редовно проверувајте ги градите. Ако забележите црвени точки, а истовремено чувствувате болка, одете на лекар.
„Повлечена“ брадавица
Брадавиците можат да се повлечат кон внатре од разни причини. Ова повлекување може да биде предизвикано од воспаление, или лузни зад брадавицата. Причините за воспаленијата, пак, можат да бидат различни и не секогаш се од рак.
Во случај на рак, канцерогениот тумор ги напаѓа жлездите зад брадавицата, па таа се повлекува кон внатре.
Без разлика која е причината за ова, доколку забележите повлекување на брадавиците, одете на лекар.