Комуналните редари и инспектори на Град Скопје денеска фатија вработени во болницата „Ремедика“ и приватната здравствена установа (ПЗУ) „Диамед“ како фрлаат медицински отпад во контејнерите за ѓубре за домаќинставата.
„За наведениот прекршок на лице место излезе и овластен инспектор за животна средина на Град Скопје, кој состави Записник со констатација за сторен прекршок, зема изјави и направи фотодокументација и го предаде предметот на понатамошна надлежност на Државниот инспекторат за животна средина заради изрекување казна на сторителите на прекршокот“, велат од Инспекторатот на Град Скопје.
Според Законот за управување со отпад и Правилникот за начинот на постапување со медицински отпад, тој треба да фрла во посебни садови во рамките на болниците или здравствените установи. Секоја здравствена установа треба да има склучено договор со депонијата „Дрисла“ за подигнување и транспортирање на отпадот. Потоа тој се гори во печката за медицински отпад на депонијата.