Црн викенд во Прилеп. Нарко-зависноста, недостигот од метадонската терапија, како и фрапантната индоленстност на надлежните институции, тема на која Алфа работи подолго време, за само неколку дена ја одзедоа и третата жртва во градот под Марковите Кули.
Овој пат станува збор за 33-годишен прилепчанец, за кого, неговите пријатели сметаат дека е жртва на недоволната и несоодветна грижа на заедницата за овие лица. Нашата соговорничка, која подолго време се лекува и е на методонска терапија, и која од разбирливи причини сакаше да остане анонимна, видно вознемирена, вели дека недостигот од метадон и неможноста истиот да го примаат дозирано и под лекарски надзор, нив, неминовно ги враќа на улица, што е огромен ризик, кој, многу често завршувал со фатални последици по нивните животи, нешто кое го докажувале и последните три смртни случаи.
„Сегде ѕвоневме, баравме никој не крева никој не го интересира, нас ова ни е како лек со него се лечиме, тие ни го прекинуваат наеднаш“, вели анонимна соговорничка која моментално е на метадонска терапија.
Во меѓувреме, вчудоневидува фактот што дури и по три смртни случаи за само неколку дена, Министерството за здравство се уште молчи, иако во саботата ни беше речено дека по завршувањето на викендот, односно во текот на денешниот ден ќе добиеме одговор на прашањата на Алфа – што е причината за смртта на овие тројца млади луѓе, дали тие се последица на недостигот од метадонската терапија и дали во Прилеп ќе биде конечно отворен Центар за одвикнување од зависности, бидејќи бројот на нарко-зависниците, за жал, рапидно расте?!
Нашите денешни обиди пак, да добиеме одговор, резултираа со одбивање н
а повикот.