Терминот депресија честопати се користи погрешно, односно за да опише моменталното лошо расположение. Неретко може да слушнете како некои личности се жалат дека се „во депресија“ само поради тоа што се растажиле за одредена случка или едноставно се разбудиле истоштени и со ниска енергија. Депресијата е многу посериозна отколку што многумина си замислуваат. Тоа е состојба од која не се излегува преку ноќ и која не се надминува со охрабрувачко тапкање по грбот.
Што е депресија?
Депресијата, односно големо депресивно растројство, е честа и сериозна медицинска болест која негативно влијае на тоа како се чувствувате, начинот на кој размислувате и како постапувате. За среќа, може да се лекува. Депресијата претставува сериозна и комплексна болест, која поради симптомите на лошо расположение, губење на интерес и задоволство во секојдевните активности, замор и исцпеност, претставува пречка за водење на нормален, исполнет и среќен живот.
Таа влијае на начинот на кој што јадете и спиете, на начинот на кој што мислите и на начинот на кој што се чувствувате. Влијае на вашиот социјален живот, односите со семејството и партнерот и на вашата кариера.
Комплексното пореметување на психичките функции води и до пореметување на бројни телесни функции, односно едно целосно пропаѓање на личноста, доколку оваа болест остане непрепознаена.
Депресивното расположение не секогаш е психијатриско нарушување. Тоа исто така може да биде нормална реакција на одредени животни настани, симптом на некои здравствени состојби, или пропратен ефект на некои лекови или медицински третмани.
Настаните во животот кои можат да предизвикаат депресивно расположение може да бидат: породување, менопауза, финансиски тешкотии, проблеми на работното место, медицинска дијагноза (рак, ХИВ, итн.), насилничко однесување, загуба на некој близок, природни катастрофи, социјална изолација, проблеми во врските, љубомора, развод.
Симптомите на депресија може да варираат од благи до тешки и може да вклучуваат:
(Ако страдате од депресија, тоа не значи дека ќе го имате секој симптом, дополнително и интензитетот на симптомите варира од човек до човек.)
  • * Чувство на тага или  лошо расположение
  • * Апатија
  • * Загуба на апетит
  • * Зголемување или намалување на телесната тежина,
  • * Инсомнија или Хиперсомнија,
  • * Физички симптоми како болки по телото (главоболка, болка во стомакот, мускулите или вратот)
  • *  Губење на интерес или задоволство во активностите што некогаш сте ги уживале
  • * Губење на енергија или зголемен замор
  • * Зголемување на бесмислената физичка активност (на пример, ракување со рака или шетање) или забавени движења и говор (акции што може да се забележат од другите)
  • * Чувство на беспомошност и безвредност
  • * Тешкотии со размислување, проблеми со концентрацијата
  • * Дефицит на серотонин(хормон на среќата)
  • * Суицидни мисли
  • * Злоупотребата на алкохол и дрога
  • * Користење одредени медикаменти
  • * Траума
  • * Фамилијарен историјат на самоубиство
Симптомите мора да траат најмалку две недели за дијагноза на депресија.
Исто така, медицинските состојби (како проблеми со тироидната жлезда, тумор на мозок или дефицит на витамин) можат да имитираат симптоми на депресија, па затоа е важно да се отфрлат општите медицински причини.
Депресијата може да се појави во било кое доба од животот, но во просек прво се појавува за време на доцните тинејџерски години,  од 18 год. до средината на 20-тите години. Жените се повеќе склони кон депресија и ова би можело да се објасни со родовите улоги и нормите во прилог на тие улоги. Од жените се очекува да се грижат за семејството и пријателите, но без силни, стабилни односи исполнети со поддршка, тие се повеќе подложни на депресивни симптоми. Некои студии покажуваат дека една третина од жените ќе доживеат голема депресивна епизода во нивниот живот.
Депресијата е различна од тагата
Смртта на некој близок, губењето работа или завршувањето на врската се тешки искуства за една личност. Нормално е чувството на тага да се развие како одговор на такви ситуации. Оние што доживуваат загуби често може да се опишат себеси како “депресивни”.
Но, да се биде тажен не е исто што и да се има депресија.Тага е нормално чувство чија функција е да ни овозможи да ја прифатиме загубата, да се адаптираме на ново настаната ситуација и да продолжиме. Во зависност од тежината на загубата, потребен ни е одреден период на тагување, пратено со намалена енергија и пасивност.
Сепак, најтешкиот чекор е да се надмине тагата, бидејќи со секое одбивање на новите секојдневно убави мигови кои можат да ни измамат насмевка се повеќе тонеме кон друга состојба, именувана депресија и осаменост. Притоа, ќе ги наведеме важните разлики помеѓу тагата и депресијата, а тоа се:
  • * Кај тагата, болните чувства доаѓаат во бранови, често се мешаат со позитивни сеќавања на минатото, додека кај депресијата, расположението и  задоволството се намалуваат во текот на две недели.
  • * Кај тагата, обично се одржува самодовербата. Кај депресијата, чести се чувствата на безвредност и самоодрекување.
Разликата меѓу тагата и депресијата може да им помогне на луѓето да добијат помош, поддршка или третман што им е потребен.
 
Фактори на ризик за депресија
Депресијата може да влијае на сите – дури и на лица кои се чини дека живеат во релативно идеални околности.
Неколку фактори можат да играат улога во депресија:
  • * Биохемија:  Разликите во одредени хемикалии во мозокот можат да придонесат за симптоми на депресија.
  • * Генетика:  Депресијата може да биде наследна.
  • * Личност: Луѓето со ниска самодоверба, кои се преоптоварени со стрес, и кои се генерално песимистични, имаат поголема веројатност да заболат од депресија.
  • * Фактори на животната средина: Континуираното изложување на насилство, занемарување, злоупотреба или сиромаштија може да ги направи луѓето поподложни на депресија.
Како се третира депресијата?
Депресијата е една од најзастапените ментални нарушувања. Помеѓу 80 и 90 проценти од луѓето со депресија на крајот на третманот реагираат добро. Речиси сите пациенти се ослободуваат од симптоми во текот на лекувањето.
Клиничката депресија претставува симптом кој е предизвикан од дисбаланс на досега откриени околу 30 неуротрансмитери, меѓу кои норадреналинот, сератонинот и допаминот кои воедно и се најважни за нејзиниот развој. Насоката на антидепресивната терапија се движи баш во тој правец, регулирање на тој дисбаланс. Симптомите на депресија може да се дел и од клиничката слика на други болести како: деменцијата, алкохолизмот, Паркинсоновата болест, недостаток на витамин Б12, хронична болка, хипотироидизам, хиперпаратироидизам, употреба на некои лекови како метил-допа, бетаблокери, диуретици, стероиди, невролептици итн.
За добро да го дијагностицираме пациентот, најважна е деталната анамнеза и хетероанамнеза,односно разговор со пациентот и неговите роднини за животниот тек и актуелната проблематика, поради која тој се обраќа на лекар. Притоа, дали пациентот имал претходна психијатриска болест, текот на нејзиното лекување, дали има други заболувања, направени тестови за деменција, лабораториски испитувања се дел од рутинската контрола се со цел да се исклучи соматска болест ( крвна слика, вит Б12, слободен тироксин, ТСХ, хепатограм, електролити и креатинин.)
Лекови:  Хормоните што се лачат во мозокот може да придонесат за депресија на поединецот. Поради оваа причина, антидепресивите може да бидат препишани за да помогнат во модификацијата на мозочната хемија. Овие лекови не се седативи (“голем дел”) или транквилизери. Тие не предизвикуваат зависност. Општо земено, антидепресивните лекови немаат стимулирачки ефект врз луѓето кои не страдаат од депресија.
Антидепресивите може да предизвикаат одредено подобрување во првата или втората недела од третманот. Доколку пациентот се чувствува малку подобро или нема подобрување после неколку недели, неговиот психијатар може да ја смени дозата на лекот или да додаде или замени друг антидепресив. Во некои ситуации може да бидат корисни и други психотропни лекови. За да има квалитетен третман,важно е да му дозволите на вашиот лекар да знае како се чувствувате за да може да утврди дали лекот функционира или не.
Психијатрите обично препорачуваат пациентите да продолжат да земаат лекови шест или повеќе месеци откако ќе се подобрат симптомите на болеста. Може да се предложи долгорочен третман за одржување на депресијата, за да се намали ризикот од идните депресивни  епизоди за одредени лица со висок ризик.
Психотерапија: Психотерапија или “терапија со разговор” понекогаш се користи само за лекување на блага депресија; за умерена до тешка депресија, психотерапијата често се користи заедно со антидепресивни лекови. Когнитивната бихевиорална терапија (КБТ) е ефикасна во лекувањето на депресијата. КБТ е форма на терапија фокусирана на сегашноста и решавање на проблеми. КБТ му помага на лицето да го препознае искривеното размислување, а потоа да го смени однесувањето и размислувањето.
Во зависност од тежината на депресијата, третманот може да потрае неколку недели или многу подолго. Во многу случаи, значајно подобрување може да се направи во 10 до 15 сесии.
Електроконвулзивната терапија (ЕКТ) е медицински третман кој најчесто се користи за пациенти со тешка депресија или биполарно растројство, кои не реагирале на други третмани. Тоа вклучува кратка електрична стимулација на мозокот додека пациентот е под анестезија. Пациентот обично прима ЕКТ два до три пати неделно за вкупно шест до 12 третмани. ЕКТ се користи од 1940-тите години, а многугодишните истражувања доведоа до големи подобрувања. ЕКТ вообичаено е раководен од тим обучени медицински професионалци, вклучувајќи психијатар, анестезиолог, медицинска сестра и асистент за лекарот.
10 СОВЕТИ КОИ ЌЕ ВИ ПОМОГНАТ ВО БОРБАТА ПРОТИВ ДЕПРЕСИЈАТА
Ако кај себе ги препознавте симптомите на депресија или веќе ви е дадена таква дијагноза, еве неколку совети кои ќе ви помогнат да си ја олесните состојбата.
  • * Не се изолирајте. Депресијата често создава чувство на срам и многумина се изолираат за да не бидат исмејувани од другите. Но, таквата изолација може да ја влоши ситуацијата. Затоа, останете во контакт со најблиските пријатели и семејството и не се плашете да побарате медицинска помош.
  • * Не се обвинувајте себеси. Вие не сте виновни за појавата на депресија. Обвинувајќи се може да ги влошите симптомите.
  • * Не донесувајте важни одлуки. Кога сте во депресија, можно е да не сте во состојба да донесувате добри одлуки, затоа што не размислувате јасно.
  • * Побарајте помош. Воопшто не треба да чувствувате срам поради депресијата. Уште кога ќе ги забележите првите симптоми, побарајте помош од стручно лице. Ако вашите симптоми се умерени, најверојатно ќе може да ви помогне матичниот лекар. Но, доколку состојбата е посериозна, тој ќе ве прати кај специјалист психијатар.
  • * Спијте доволно. Еден од симптомите на депресијата е инсомнијата или хиперсомнијата. За да  избегнете проблеми со спиењето, важно е да си создадете здрави навики за спиење. За најголем дел од возрасните, 8 часа сон се сосема доволни.
  • * Хранете се здраво. Едно од најновите истражувања , спроведено во Мелбурн, покажа дека нездравиот начин на исхрана е виновен за појавата на депресија кај жените. Според резултатите, кај жените кои консумираат нездрава мрсна храна ризикот за појава на депресија се зголемува со 50%. Балансираната исхрана е особено важна не само во борбата со депресијата, туку и за целосното здравје.
  • * Не консумирајте дрога или алкохол. Алкохолот и дрогата можат да го забават вашето оздравување. Тие можат да ја зголемат депресијата и да го намалат дејството на лековите против депресија. Отстранувајќи ги овие пороци од вашиот живот, вие си ги зголемувате шансите за побрзо оздравување.
  • * Вежбајте. Физичката активност ќе ви помогне да се чувствувате подобро и позадоволни од себе. Изберете си активност која ви носи задоволство и обидете се да ја практикувате во група или со пријател за поддршка.
  • * Поставете си помали цели во животот. Депресијата предизвикува недостаток на енергија, па затоа тешко ќе можете да остварите нешто големо. Постигнувањето на малите цели ќе ве мотивира и ќе ви даде желба да продолжите напред.
  • * Информирајте се. Депресијата не е нешто што не можете да го надминете. Исто како и за повеќето болести, така и за депресијата постојат ефективни начини за лекување. Колку повеќе знаете, толку повеќе си ги зголемувате шансите за побрзо оздравете.
Сте се запрашале ли некогаш колкав процент од младите кои активно живеат на територијата на нашата земја страдаат од депресија..? Дали нашиот здравствен систем знае да се справи со ваквиот предизвик, или едноставно оставени се сами да се справат со тежината на оваа ментална состојба..? Имаат ли можност отворено да раскажат за неа, за нивните чувства или секојдневно ја потиснуваат во себе..? БЕЗ БРОЈ други прашања не мачат.. Но со цел да ја подигнеме свеста за менталното здравје кај младите ја спроведовме следнава анкета “Тест за проценка на степенот на анксиозност и депресија меѓу младите во Р. Македонија” и притоа, дојдовме до следниот заклучок: дури, 86% од испитаниците имаат секојдневни проблеми со расположение, чувство на тага, незадоволство, безволност, намалњн апетит, несоница, 54% од испитаниците се почувствувале анксиозно и нервозно неколку денови во месецот, а само 14%  воопшто немале проблеми со анксиозноста.
На прашањето “На кој начин се ослободувате од стресот ?”  44 % од испитаниците одговориле дека  кога се под стрес најчест “лек” им е прошетката со пријателот. 29%од испитаниците  ја смируваат нервозата со добра книга / филм, додека пак    9.5 % анксиозноста ја победуваат со храна. Само 17% од испитаниците одговориле дека спортот и музиката, им се прв избор на “лек” кога станува збор за анксиозност.
Кога станува збор за кавга/конфликт на работното место, 56% од испитаниците одговориле дека често имаат расправии на работа, додека 27% од нив имале суицидни мисли во последниве 5 години.  Генерално, депресијата е најраспространета болест на нашето време. Само поради фактот дека не е смртоносна и се одвива прикриено, може лесно да се прикрие, па заради тоа не го загрижува општеството. Каде спаѓаат сегашните и идните невработени лица? Несомнено, со растот на индивидуалниот егоизам и неговото преминување во интегрален егоизам, т.е. манифестирана зависност на секој од секого, депресијата ќе расте и ќе добие односно веќе добива форма на епидемија.
Дополнителен проблем е што многу болни поради стигмата не бараат лекарска помош, ниту земаат терапија- велат психијатрите.
Извор: https://www.signal.mk/aura-shto-e-depresija-i-10-soveti-kako-da-ja-pobedite/