Во обид да го држиме нашето здравје под контрола на што поприроден начин, често бараме методи на превенција што ни се познати веќе илјадници години наназад. Еден од овие методи е едноставното држење масло во устата што наводно носи бројни предности за организмот. Ова верување доаѓа од алтернативната медицина позната како ајурведа.
Самиот збор добро објаснува точно што е во темелот на оваа алтернативна медицинска гранка – „ају“ значи живот, а „веда“ значи знаење. Со други зборови, таа е наука за животот. Па, доколку погледнеме наназад во минатото ќе сфатиме дека првите ајурведски записи датираат од пред пет илјади години и постојат сè до ден-денес. Основата на ајурведата е холистичкиот пристап на лечење, односно се верува дека личноста може да биде здрава дури кога ќе биде урамнотежена телесно, емоционално, психолошки и духовно.
Еден од начините за одржување на здравјето и грижа за себе, според ајурведата е и методата која е стара исто колку и оваа навика – а станува збор за задржувањето на масло во усната шуплина. Се верува дека оваа метода, со која треба да го „влечете“ маслото во устата, освен што ќе ви ја исчисти внатрешноста на устата исто така и ќе ве заштити од низа болести како:
- Артритис
- Тромбоза, нарушување на крвта
- Дигестивни и цревни болести
- Срцеви болести
- Хормонална нерамнотежа, егзема и други кожни болести
- Главоболка
- Забоболка, парадентоза
- Хроничен умор, несоница
- Астма, болести на дишните патишта
- Болести на бубрезите и црниот дроб
Изгледа дека овој метод помага и при исфрлање на токсините што ги внесуваме од својата околина, па дури и храната, а сè тоа е возможно со едноставното сончогледово масло коешто е лесно достапно. Можеби дури и веќе го имате во својот дом.
Па, како да ја изведете оваа постапка? Сè што треба да направите е на една лажица да ставите сончогледово, маслиново или кокосово масло и едноставно да го држите во вашата уста така што благо ќе го „влечете“ и „превртувате“ без да голтате. Ова треба да го правите барем 10-тина минути додека работите што било друго во позадина.
Маслото треба да добие бела боја, а неговата густина да се промени така што ќе наликува на вода. Тогаш ќе знаете дека сте завршиле со методот.
Треба да се има на ум дека овој метод се прави на празен желудник и дека треба да бидете внимателни да не го проголтате маслото. Исто така треба да имате на ум дека целиот процес треба да се одвива со што помало отпретување на вилицата.
Важно е да го правите ова 10-тина минути затоа што според ајурведските записи, маслото по 2 и пол минути се врзува со плунката, по 4 и пол минути влегува во крвта, а по 10 минути ги извлекува токсините и бактериите од нашиот систем преку слузницата во устата. На тој начин расте имунитетот на телото и тоа станува способно самото да се бори против болести.
И за крај, внимавајте да користите нерафинирано, што поприродно масло бидејќи во спротивно ќе го поништите неговиот ефект.