Чајот од камилица ја ублажува несоницата и нервозата, а маслото ја смирува болката во мускулите и зглобовите, додека инхалацијата помага кај воспалено уво и синуси.

Камилицата цвета од април до август, а се собира по суво и сончево време. Таа треба да се суши нагло и на температура од 35 степени.

За чај се користи само цветот, а за купка целото растение. Од цветот на камилицата со помош на дестилација се добива етерично масло со препознатлива сина боја. Доколку цветот содржи повеќе етерично масло, тоа значи дека камилицата е поквалитетна, поскапа, но што е најважно и полековита.

Чајот ја намалува нервозата, помага полесно да заспиете, а доколку се пие засладен со мед го олеснува дишењето и го смирува бронхитисот. Тој благотворно делува на слузницата на желудникот, па поради тоа млакиот чај се препорачува при воспаление на желудник. Бидејќи ги потиснува грчевите, тој помага и при надуеност на стомакот, болки во желудникот и цревата.

Камилицата е добар диуретик. Го олеснува и засилува мокрењето и излачувањето на отровните материи од организмот и затоа се препорачува кај заболени од гихт, реума, воспаление на бубрези и бешика, а и кај шеќерната болест.

Исто така камилицата го стимулира потењето, ја подобрува работата на црниот дроб и жолчката и ја нормализира столицата, па поради тоа често се користи за прочистување на организмот. Таа го смирува воспалението во усната шуплина и дигестивниот систем, а се препорачува и за плакнење на рани кои тешко зараснуваат.

Дејството на камилицата е посилно, подобро и полековито кога се комбинира со други лековити билки кои имаат слично дејство и хемиски состав. Најдобро е да се користи во комбинација со маточина, анасон, слез и нане.

Помешана со ким и анасон камилицата ги смирува грчевите во стомакот на новороденчињата, а во комбинација со валеријана ги намалува климактеричните тегоби. Камилицата е билка со препознатлив пријатен мирис и сладникав вкус, која се цени и применува во службената медицина.

Чајот од камилица не се вари, туку само се прелива со зовриена вода, бидејќи со варење на висока температура од него испарува етеричното масло кое всушност е главната лековита компонента на оваа билка. Вака припремен чајот се остава да стои пет до десет минути, а потоа се процедува. Пожелно е да се пијат три до четири филџани топол или млак чај на ден и тоа најдобро засладен со мед од багрем или жалфија.