Премиерот Зоран Заев заедно со министерот за здравство, Венко Филипче, и директорката на Клиниката, Калина Гривчева Старделова, денеска го пуштија во употреба комплетно реновираниот кат на Клиниката за гастроентерохепатологија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
На катот има два апартмани со по еден кревет, девет соби со по три кревета и една соба со еден кревет. Има кабинет за биолошка исхрана, како и кабинети за лекарскиот персонал.
Премиерот Заев информираше дека Владата во годишната програма има план да реновира уште околу 30 здравствени установи во цела држава, а потсети и дека на последната владина седница беа одвоени околу 10 милиони денари за Клиниката за онкологија.
– Одвоените средства се за нега и грижа за нашите граѓани, затоа што навистина сите сме потенцијални пациенти и кога има потреба од здравствениот систем од ваквите услови сме и тоа како среќни кога доаѓаме до решение за проблемите за нашето здравје, истакна Заев.
Тој информираше дека Владата ќе продолжи со зголемување на буџетските средства на Фондот за здравство и Министерството, како и со дополнителната мотивација на здравствените работници односно со зголемувањето на платите на специјалистите, медицинските сестри и другите здравствени работници.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во рамките на програмата за зајакнување на здравствениот систем Одделот за гастроентерохепатологија е еден од дванаесетината оддели кои се целосно реновирани и каде што се обезбедени одлични услови за лекување на пациентите и за работа на персоналот.
– Продолжуваме и со останатите мерки, конкретно за Клиниката за гастроентерохепатологија. Првпат за дваесетина пациенти коишто имаат сериозни заболувања ќе биде обезбедена биолошка терапија во рамките на групната набавка која што ја спроведе Министерството за здравство. Во нашата земја првпат се донесоа 30 молекули коишто досега не беа на располагање, а за оваа терапија пациентите беа упатувани на лекување во странство, истакна Филипче .
Тој најави дека продолжува зајакнувањето на капацитетот за персоналот, за што веќе се издадени околу 5.000 согласности за вработување во периодот од две години во кој поголемиот дел се реализирани.
Директорката на Клиниката, Гривчева Старделова, рече дека минатата година по неколку поплави неизбежно било реновирањето на овој оддел, како и тоа дека не била пријатна глетката каде пациентите се покриваат со ќебиња поради нефункционалните прозори на Клиниката, а за сето тоа да се отстрани, се заблагодари на интервенцијата на Министерството и Владата, за, како што рече, пациентите конечно да ја добијат вистинска нега.